НЕ МОЖЕ ПОПУЛИСТИЧКО-НАЦИОНАЛИСТИЧКИ РЕТОРИКИ НА БУГАРИЈА ДА БИДАТ ПРЕЧКА НА ПАТОТ КОН ЕУ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ

    НЕ МОЖЕ ПОПУЛИСТИЧКО-НАЦИОНАЛИСТИЧКИ РЕТОРИКИ НА БУГАРИЈА ДА БИДАТ ПРЕЧКА НА ПАТОТ КОН ЕУ, КАЖА КОВАЧЕВСКИПремиерот кажа дека договор со Бугарија ќе има само ако се преговара достоинствено и се тргне ветото за почеток на преговорите со ЕУ. (Фото: К. Попов)

    Не може политичка борба во соседна држава-членка на ЕУ и популистичко-националистички реторики да бидат пречка за почетокот на преговорите со Европската унија, кажа премиерот Димитар Ковачевски. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со ветото  на Бугарија и провокациите кои секојдневно се упатуваат од бугарската страна, кажа дека договор ќе има само ако преговорите се водат достоинствено и се тргне ветото за почеток на преговорите.

    „Од првиот ден зборувам дека преговорите со Бугарија ги водиме врз основа на  неколку принци. Прво, врз европските вредности, врз задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, и трето, врз основа на меѓусебно почитување и на политичарите и на сите институции во државите. Само ако така се водат преговорите може да има позитивен дијалог, тон и начин на комуникација што ветува дека може да се дојде до решение за кревање на ветото. Ние треба да кажеме дека Северна Македонија има вето од соседна држава за почнување на првата меѓувладина конференција. Доколку бидат тие услови исполнети, тогаш може да се очекува договор, но само ако бидат исполнети тие услови“, рече Ковачевски на одбележувањето 50 години од формирањето на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

    За тоа дали е можно Бугарија да го крене ветето во јуни и што ако тоа не се случи, како понатаму ќе биде политиката на државата, Ковачевски кажа „никогаш не сум спомнал датум“.

    „Од првиот ден кажав дека ни треба брзо, но не избрзано решение. Ни треба брзо решение, зашто проширувањето на ЕУ не е само политичко и економско прашање, туку во овој момент е и геостратешко и безбедносно прашање. Ќе останеме на тој пат, на усогласување на нашата регулатива, на зголемување на транспарентноста и ефикасноста на сите процеси во државата за да ги унапредиме прво работењето и живеењето дома, но ќе инсистираме пред нашите европски партнери, во ЕУ, дека за Северна Македонија час поскоро треба да почне првата меѓувладина конференција“, додаде Ковачевски.

    Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во Софија кажа дека е крајно разочаран што уште се разговара за почеток на преговори со Македонија и Албанија. ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана, кажа тој на Форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот.

    „Бев во Софија пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да ова се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту немаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес“, рече Вархеји.

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи на истиот Форум кажа дека „има разговори меѓу двете министерства, двете влади разговараат, но сепак не можам да кажам дека имаме решение кое е прифатливо за двете земји“.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков на 23 април изјави дека Бугарија треба да го помести ветото за македонските евроинтеграции, а не да го подигне. Во интервју за бугарската телевизија „Нова“, кажа дека бугарските барања треба да бидат вклучени во преговорите за членство на Македонија со ЕУ и Европа да гарантира дека ќе бидат исполнети.

    Тој вели дека не може да бидат исполнети сите бугарски барања пред да се подигне ветото. Но, рече дека засега нема договор во Бугарија да биде подигнато ветото до јуни, кога е првиот нареден состанок на Европскиот совет и најави гласање за прашањето во бугарскиот парламент.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира