НЕ МОЖЕМЕ ВЕЌЕ ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАТВОРЕНИ, ЕПИДЕМИЈАТА ЌЕ ПОТРАЕ И СПАСОТ Е ВО ВАКЦИНИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НЕ МОЖЕМЕ ВЕЌЕ ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАТВОРЕНИ, ЕПИДЕМИЈАТА ЌЕ ПОТРАЕ И СПАСОТ Е ВО ВАКЦИНИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕФилипче вели дека вакцинираните граѓани и да се заразат, ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сега, кога државата обезбедила доволно вакцини против ковид-19 за да бидат достапни за секој што сака да се заштити, повеќе не би требало да има затварања за сите, полициски часови и слично, туку граѓанките и граѓаните да си преземат одговорност за сопственото и за здравјето на најблиските. Остануваат само основните мерки за спречување на ширењето на заразата – маски во затворено, или каде што има многу луѓе на мал простор, социјална дистанца и често миење раце. „Епидемија може да трае и повеќе години, имаше некои предвидувања дека може да трае и до 2024, дека ќе премине можеби и во ендемска форма, ама тоа не значи дека ние треба да живееме затворени“, вели министерот Филипче.

    Затоа тој апелира сите да се вакцинираат против ковид-19, поради тоа што вакцината штити од тешка болест и од смрт.

    Филипче вели дека не можеме да знаеме во иднина какви нови соеви може да измутираат од вирусот што ќе предизвикуваат нови и нови бранови на зараза и како пример ја наведува Велика Британија каде што владата од 19 јули ќе ги укине речиси сите мерки и покрај тоа што таму веќе има нов бран предизвикан од делта сојот на ковид-19.

    Во Македонија до сега се регистрирани десет случаи заразени со делта сој на коронавирусот.

    Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека се очекува бројот на нови случаи на коронавирус во Велика Британија да порасне до 50.000 за две недели, но сепак го изнесе владиниот план за целосно отворање на земјата на 19 јули.

    „Бројот на заразени забрзано расте. Владата мора да реши дали е безбедно да се отвориме сега. Ако не се отвориме сега кога постигнавме толку многу со вакцинирањето, тогаш не знам кога. Сакаме ситуација во која луѓето ќе се потпираат на сопствената одговорност. Мора да останеме претпазливи и барам од луѓето така да се однесуваат “, кажа Џонсон.

    И во соседството грчката влада инсистира дека вакцинираните лица ќе ги имаат повеќето привилегии откако земјата ќе се врати во нормала и дека нема да има повторни затворања во економијата и во социјалниот живот само за да се заштитат оние кои одбиваат да се вакцинираат против ковид-19. Грчкиот вицепремиер Акис Скерцос изјави: „Пораката на владата е јасна: вакцинираните можат да се вратат во нормален живот, а невакцинираните не можат“.

    Хрватската влада, пак најави дека ќе ја укине финансиската помош за оние фирми чии вработени не сакаат да се вакцинираат против ковид-19. „Целта е да ги наградиме одговорните, а на неодговорните да им покажеме дека тоа што го прават нема смисла“, изјави министерот за стопанство и одржлив развој Томислав Ќориќ.

    Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас најави дека сите коронамерки во Германија би требало да бидат укинати во август откако вакцината ќе им се понуди на сите.

    Филипче инсистира дека и кај нас, сега кога вакцината им е понудена на сите, веќе не можеме да живееме затворени.

    „Со вакцините, граѓаните ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација, ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка“, потенцира министерот.

    Академик Александар Димовски од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ исто така смета дека државата не треба да се затвора и дека вакцинацијата спречува тешка форма на болеста.

    „Јас сум оптимист со искуство, уште година две ќе се занимаваме со ова заболување, но се надевам дека нема да биде во онаа форма која беше“, вели тој.

    Во земјава во моментов вакцинацијата се одвива со „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“. Досега се вакцинирани 390.623 граѓани, а пријавени се 492.662 граѓани. Од 12 јули секој ќе може да се вакцинира без закажан термин, а Филипче најави дека исто така од 12 јули, со „Фајзер“ ќе може да се вакцинираат деца од 12 до 16 години.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира