Министерот за здравство Венко Филипче апелира до граѓаните да не се лекуваат на своја рака со „сумамед“ и други лекарства, откако во јавноста излегоа информации дека овој антибиотик масовно се купува и без рецепт од матичен лекар. Филипче кажа дека официјално се завршени сите постапки во Агенцијата за лекови и дека двајца пациенти кои се хоспитализирани на Инфективната клиника веќе се ставени на терапијата од овој антибиотик и лек против маларија.
Тој потенцираше дека не се дава терапијата секому, туку дека се потребни повеќе испитувања како кардиолошка анализа и ЕКГ.
„Апелирам и молам сите граѓани да не земаат ‘сумамед’ и други лекарства на своја рака. Дури и сите дијагностицирани пациенти со тешка и средна клиничка слика не се погодни за оваа терапија. Ова е ‘оф-лејлб’ терапија, но се дава зашто дава добри резултати. Кај група пациенти мора да има дополнителни кардиолошки испитувања, ЕКГ. Ако има неправилности, тогаш лекот не се дава. Граѓаните да не ни помислат да земаат сами ваква терапија, а уште помалку да им биде некаква превенција“, апелираше Филипче.
Тој додаде дека се прават планови како ќе се дава терапијата од антибиотик и лекот против маларија на лицата кои се во домашно лекување.
„Терапијата ќе се дава во болница, а не во домашни услови“, рече Филипче.
Во земјава до денес до 12 часот се регистрирани 177 заболени, од кои три лица починаа, а една пациентка се излечи. Коронавирус имаат и петмина од 30 тестирани кои имале контакт со заболената ексдиректорка на Кожна клиника.
Б. НЕСТОРОСКА