Примиерот Димитар Ковачевски вели дека на земјава не и се потребни избори туку многу работа и решавање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Изјавата на Ковачевски следи откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска кажа дека му дава рок на премиерот до 10 мај да одреди датум за предвремени избори, во спротивно ќе следеле „сериозни и досега непрактикувани чекори“.
Премиерот Ковачевски за ваквата изјава на Мицкоски вели дека е уцена и закана.
„Јас кажав повеќепати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата. Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори, туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња“, вели Ковачевски.
Според него, Мицкоски не го интересира решавање на кризата, бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера.
„Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега, ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести“, објави Ковачевски на својот официјален фејбук профил.
Освен предвремени избори, Мицкоски, кажа и дека ќе му предложи на Ковачевски 4 тима за економија, надворешна политика, здравство и образование, кои ги нуди како помош за владата во овие четири области. Во тимовите кои ги предлага Мицкоски се Зоран Ставрески, Антонијо Милошоски,Владо Мисајловски, Гордана Силјановска-Давкова и други. Тој го предупреди Ковачевски дека понудата од ВМРО-ДПМНЕ не е „шведска маса“, на која премиерот може да бира што му се допаѓа, а да одбива тоа што не му допаѓа, туку станува збор за пакет за подобра иднина на Македонија.