НЕ СЕ РЕШИЈА СЛУЧАИТЕ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, МИЈАЛКОВ, ЈАНКУЛОСКА, ИСТРАГИ ЗА ВЛАСТА НЕМА, СУДСТВОТО ПАДНА НА НАЈНИСКАТА СКАЛА НА ДОВЕРБА КАЈ ГРАЃАНИТЕ

    НЕ СЕ РЕШИЈА СЛУЧАИТЕ ПРОТИВ ГРУЕВСКИ, МИЈАЛКОВ, ЈАНКУЛОСКА, ИСТРАГИ ЗА ВЛАСТА НЕМА, СУДСТВОТО ПАДНА НА НАЈНИСКАТА СКАЛА НА ДОВЕРБА КАЈ ГРАЃАНИТЕИ избеган Груевски не може да се најде на дневен ред на расправа и одлучување пред Врховниот суд, за неговиот поднесок - вонреден правен лек пред судиот. Исто е и со второосудената во „Тенк“ Гордана јанкулоска, за која Врховниот суд кажа да не оди во затвор се додека не одлучи по нејзината жалба (Фото: СДК.МК)

    Со 79 отсто недоверба од анкетираните граѓани од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), судството падна досега на рекордно најниско ниво во граѓанското оценување на неговата работа. Според истата анкета, објавена минатата недела, освен Македонија, нема држава во регионот која има толку ниска доверба во судството и во обвинителството.

    Дури 50 отсто од испитаниците се изјасниле дека воопшто не му веруваат на судството. Целосно му веруваат само 3 отсто од нив. Исти резултати, но од различни испитаници, имаше и од анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) во април.

    Дел од судиите кои ги контактиравме за рејтингот на доверба кој оди накај нулата, велат дека и не се толку изненадени, „со оглед на компетентноста на граѓаните кои не веруваат дека коронавирусот постои“. Други велат дека ова е брука за нив и треба итно да се засукаат ракавите и да се работи, или да се исчистат редовите од оние кои се заталкани или корумпирани во професијата.

    Дека граѓаните не се некомпетентни и оти нивното разочарување е во целост оправдано говори резултатот од судењата на случаите за кои највеќе се заинтересирани:

    Случај „Тенк“. Осудениот Никола Груевски избега додека судскиот курир ѕвонеше стопати на врата и чекаше да помине викенд, оти не се работело сабота и недела, да продолжи да ѕвони за да му врачи покана за в затвор, додека МВР не ни забележи како си излегол од државата. Но и избеган, в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани повеќе од една година не го става на дневен ред неговиот случај за жалба по вонреден правен лек, и не кажува зошто.

    Истата ситуација е и со второосудената Гордана Јанкулоска. Врховниот суд пред околу една година кажа да не оди во затвор, поради тоа што има мало дете, но ни нејзиниот случај не го става на одлучување и не кажува ни зошто, ни до кога.

    Случај „ТНТ“. Судењето против Миле Јанакиески и Тони Трајковски и други првин се влечкаше две години и пред завршни зборови на двајцата судии им се случија злоупотреби од обвинетите со кои тие не можеа да се справат. Обвинета направи трик со смена на адвокат кој бараше превод на албански на целиот предмет, тврдеше дека психички се разболел и така тие истуркаа до денот за пензионирање на поротничка. Судењето е вратено од почеток.

    Случај „Шамари во Центар“. Почнато е од 2016 година, судењето нема абер да заврши. Груевски, Јанакиески и уште осуммина се обвинети за насилство и нарачка, јавноста се чуди зошто не може да заврши судски процес за насилства кои ги гледавме сите на телевизија.

    Случај „Траекторија“ за кинеските автопати почна на 6.12.2017 година, абер нема да заврши. Во меѓувреме, на Груевски му застаре делото.

    Случајот „Тортура“ против Сашо Мијалков и алфите од МВР, исто така немаше приоритет на Основниот Кривичен суд. По скоро двегодишно судење, пред самиот крај, поротник си најде работа, и како „ТНТ“, се врати скроз на нула.

    Случај „Тврдина-Таргет“ е за најголемиот скандал од постоењето на современа демократска Македонија, во врска со масовоно кршење на човековите слободи и права. Ова судење не е ни на половината, а почна летото 2018 година.

    Исто е и со „Титаник“ за изборни нерегуларности, „Талир“ кој цела година само се одложуваше. Случајот против Елизабета Канческа-Милевска, даночното затајување на Драган Павловиќ-Латас, „Сончев град“ на Миле Јанакиески…Освен „Талир“ за перење пари од страна на Груевски и соработниците од партиското раководство и „Насилство и шамари во Центар“ кој е најстар, сите се по обвиненија поднесени од СЈО уште во јуни 2017 година.

    Минатиот месец ОБСЕ, во третиот и последен извештај за случаите на СЈО покрај забелешката дека Основниот кривичен суд се справува лесно само со случаите со мал број обвинети функционери, имаше и критики за големиот број докази од обвинителството. Место за една иста работа да предложи помал број на докази и сведоци, го прави обратното. Но, не пропушти да укаже дека законот, сепак, крајниот збор му го дава на судијата, односно на судот, кои се филтерот во постапката. Судот ја има моќта да селектира докази ако има отповеќе, а не мрзеливо да прифаќа се што ќе предложи обвинителот, кој не е сигурен баш кои докази ќе го убедат судот.

    Менаџирањето со поротниците, поради кои се враќаат судењата одново, е работа на претседателите на судовите.

    Уште еден случај, кој не е на СЈО и не е против поранешни високи функционери од власта, е сообраќајната несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 патници, која се случи на 13.02 2019 година. Судењето почна на 5.09.2019 година. Уште се води како притворски предмет, но далеку е од завршница.

    Ласкарци“ базира на материјални докази потврдени од научници, но на одбраната ѝ е дозволено да го развлекува судењето колку сака. Обвинетиот сопственик на „Дурмо турс“, чиј технички неисправен автобус се преврте и одзеде толку многу животи, е регистриран како спонзор на владејачката ДУИ.

    Овој случај ќе биде запаметен како единствен случај за тешка сообраќајна незгода каде судењето трае двојно, па и тројно повеќе пати од периодот на истрагата додека обвинителството успеало да ги собере доказите потврдени од научници од Машинскиот факултет.

    Во истата анкета граѓаните искажале ниска доверба и кон обвинителството. Дури 73 отсто не му веруваат, 41 отсто воопшто не. Последниве три години, по смената на власта на ВМРО-ДПМНЕ, висок функционер Обвинителството за организиран криминал нема обвинето. Граѓаните прашуваат дали е возможно воопшто во државата да нема криминал во власта, бидејќи таква утопија никаде не постои.

    Големите финансиски истраги кои преминаа таму по затворањето на СЈО, не мрднаа од мртва точка.

    Од т.н. „бели јаки“, ова обвинителство ја обвини само специјалната обвинителка Катица Јанева. Овој случај Кривичниот суд го истера релативно брзо, без застој. Пресудата е на 18 јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира