НЕ ЗАДОЦНИВМЕ СО АПСЕЊЕТО НА ФЕЈЗИ АЗИРИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ЗА ОБВИНЕТИОТ ВО „МОНСТРУМ“

    НЕ ЗАДОЦНИВМЕ СО АПСЕЊЕТО НА ФЕЈЗИ АЗИРИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ЗА ОБВИНЕТИОТ ВО „МОНСТРУМ“Обвинетиот во „Монструм“ Фејзи Азири, кој се бараше по потерница од затворот во Штип, вчера попладне бил стражарно обезбеден на Клиниката за пулмологија. - Оливер Спасовски на владина седница (архивска фотографија)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека полицијата не задоцнила со апсењето на Фејзи Азири, еден од обвинетите во случајот „Монструм“, на денешната промоција на Програмата на одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР – Јакнење на интегритетот на полициските службеници.

    Како што кажа Спасовски, Азири, кој се бараше по потерница од затворот во Штип, вчера попладне бил стражарно обезбеден на Клиниката за пулмологија и според него, случајот е целосно расчистен.

    „Апсењето на Фејзи Азири не беше воопшто доцна. Во моментот кога е пронајдено лицето, стражарно е обезбедено на Клиниката за пулмологија. Ние во истиот момент не можеме практично да ги информираме сите медиуми, после тоа ги известивме медиумите и го известивме затворот кој што распиша потерница или барање за нивно приведување. Во тој дел случајот е сосема расчистен“, ја пренесе МИА изјавата на Спасовски.

    Поради отсуство на Азири, вчера во Основниот суд Скопје 1, беше одложено судењето за „Монструм“. Азири во затворот во Штип треба да доодлежи шестгодишна затворска казна за кривичното дело Недозволено држење на оружје или распрскувачки материјали. Од поранешниот министер за правда Билен Саљији тој добил дозвола да излезе од затворот на еден месец, но потоа не се вратил. Неговата одбрана вели дека во тек е жалбена постапка.

    За обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, Спасовски кажа дека МВР има одредени информации, но не се за во јавност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира