НЕКА СЕ ПРИЈАВИ АКО ИМА СОМНЕЖИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ЗА НАДЗОРОТ НА АВТОПАТИШТАТА ОД КОРИДОРОТ 8 И 10 КОЈ Е ВМЕШАН ВО КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО ЕРМЕНИЈА

    НЕКА СЕ ПРИЈАВИ АКО ИМА СОМНЕЖИ, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ЗА НАДЗОРОТ НА АВТОПАТИШТАТА ОД КОРИДОРОТ 8 И 10 КОЈ Е ВМЕШАН ВО КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО ЕРМЕНИЈАДел од конзорциумот за надзор на четирите делници од Коридор 8 и 10 е „Евро консалтинг“ фирма на Бранислав Димитријевиќ, македонскиот државјанин вмешан во голем корупциски скандал во Ерменија. (Фото: К. Попов)

    Доколку има какви било сомневања за интегритетот на вработени, подизведувачи, субконтрактори во овој најголем инфраструктурен проект, секој може тоа да го пријави, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање како може за надзор на изградбата на автопатиштата од Коридор 8 и 10 да се избере фирма на лице вмешано во корупциски скандал во Ерменија.

    Владата не врши евалуација, ниту прибирање на документи по однос на компании, тоа го прави стручна комисија. Компанијата за надзор ќе работи заедно со американски ‘Бехтел‘ и доколку има лица или подизведувачи за кои постои сомнение за нивниот интегритет од страна на кого било во државата тоа може да го пријави во Обвинителството, но обврска на компанијата која го има добиено тендерот за надзор на сите делници без разлика кој е во нивниот конзорциум е тоа да го направат навреме и со квалитетот којшто е договорен, заеднички во соработка со американски ‘Бехтел‘“, рече Ковачевски.

    На 2 февруари во Владата беше потпиша договор за надзор со конзорциум предводен од италијанската „ИРД инжинеринг“ за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри на Коридорот 8 и 10 што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Покрај “ИРД инженеринг“ во конзорциумот се и „Евро консалтинг“, „Електра солушн“ и „Ептиса“.

    Евро консалтинг“ е фирма на Бранислав Димитријевиќ, македонскиот државјанин вмешан во голем корупциски скандал во Ерменија. Во Ерменија, Димитријевиќ е под истрага дека е вмешан во корупција околу изградба на коридорот Север-Југ. Тој се гони за кривично дело измама од голем обем во улога на тим лидер на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“.

    За скандалот во Ерменија во македонската јавност се дозна во септември 2021 година, откако македонскиот дипломат Миле Миленковски беше уапсен на границата меѓу Србија и Македонија по меѓународна потерница од Ерменија и тој помина 5 месеци во притвор. Српските судски власти во меѓувреме ги отфрлија наводите наведени во ерменската потерница и го ослободија Миленкоски од екстрадициски притвор.

    Според ерменското обвинителство, Миленкоски и уште неколку други македонски државјани му помогнале на Димитријевиќ да избега од Ерменија со туѓ пасош. Димитријевиќ имаше забрана за излез од Ерменија.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира