НЕМА ДА ИМА ЦАРИНИ И ЧЕКАЊЕ НА ГРАНИЦИ, КОЈ САКА НЕКА НИ СЕ ПРИДРУЖИ ВО „ОТВОРЕН БАЛКАН“, КАЖАА ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА

    НЕМА ДА ИМА ЦАРИНИ И ЧЕКАЊЕ НА ГРАНИЦИ, КОЈ САКА НЕКА НИ СЕ ПРИДРУЖИ ВО „ОТВОРЕН БАЛКАН“, КАЖАА ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМАЗаев, Вучиќ и Рама договорија регионалната иницијатива на трите земји да се вика „Отворен Балкан“. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Нашата цел е нула минути чекање на границите и да нема царини меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, кажаа премиерите Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната прес-конференција на Економскиот форум во Скопје.

    Со цел да се олесни трговијата, движењето на граѓаните и развојот на економијата на форумот беа потпишани три меморандуми и тоа Меморандум за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан и Договор за соработка за заштита од катастрофи на Западен Балкан. Исто така регионалната иницијатива меѓу трите земји која неофицијално беше нарекувана „Мини Шенген“ е именувана како „Слободен Балкан“.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека на денешниот и вчерашниот состанок се отворени нови перспективи за граѓаните и наместо градење ѕидови денеска трите земји отвораат мостови.

    „Целта е да нема царини, да нема граници за застанување. Слободно како што се работи во Македонија, да може нашите граѓани да работат и во Белград и Нови Сад, во Тирана и Саранда“, рече Заев.

    „До 2023 година овој простор ќе биде како да се наоѓате во зона на Европската Унија. Нула минути ќе чекаат граѓаните на границите, исто толку и камионите со стоки. Кој сака нека дојде, добредојдени се сите“, рече премиерот на Албанија Еди Рама.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека со „Отворен Балкан“ 80 отсто од вкупните инвестиции на Балканот ќе бидат во овие три земји.

    „Ако тука не можете да согледате разлика не можам да ви помогнам. Преку економска соработка се решаваат и политичките прашања“, кажа Вучиќ.

    Лидерите денеска договорија наесен средби на иницијативата „Отворен Балкан“ да се одржат во Тирана и Белград.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира