НЕМА ДОКАЗНА ВРЕДНОСТ НОВАТА ИЗЈАВА НА КЕШИШЕВ ДЕКА ПАЛЕВСКИ НЕ ЈА УБИЛ ВАЊА, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА СТОЈКОВИЌ-ДИМИТРОВСКА

    НЕМА ДОКАЗНА ВРЕДНОСТ НОВАТА ИЗЈАВА НА КЕШИШЕВ ДЕКА ПАЛЕВСКИ НЕ ЈА УБИЛ ВАЊА, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА СТОЈКОВИЌ-ДИМИТРОВСКАИзјавата на Кешишев нема доказна вредност, затоа што и тој и сите други обвинети на крајот од судската постапка ќе дадат своја одбрана, рече Стојковиќ-Димитровска. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска рече дека нема доказна вредност изјавата на обвинетиот Влатко Кешишев дека првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо не ја убил 14-годишната Вања Ѓорчевска. Кешишев на последното судско рочиште а 20 ноември, во писмо ја смени изјавата дадена во истрагата дека токму Палевски ја убил Вања.

    „Изјавата на Кешишев нема доказна вредност, затоа што и тој и сите други обвинети на крајот од судската постапка ќе дадат своја одбрана, свој исказ, и своја одбрана која ќе биде подложена на прашања од сите страни и да се расчисти случајот. После вербалните докази, ќе бидат изведени и материјалните докази. Имаме материјални докази дека Палевски е сторител на делата“, рече обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска во изјава за медиумите пред почетокот на денешното судско рочиште.

    Писмото преку затворот „Скопје“ во Шутка каде е во протвор, Кешишев на 20 ноември го доставил до судот. Не преку неговиот адвокат, туку преку затворската управа.

    Во рачно напишаното писмо, Кешишев навел дека за време на убиствата, всушност, Палевски бил во партијата Десна и спиел таму, а дека Велибор Манев, кој е еден од обвинетите, го натерал да каже оти Палевски лани на 22 ноември го убил прво 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, па по 5 дена, на 27 ноември, и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

    Не се знае точната содржина на писмото и дали Кешишев, кој ја одведе полицијата до дупката каде што беше закопана Вања, навел име на друг убиец.

    Како знаеле Кешишев, Манев и Боре Видевски кај се закопани Панче и Вања, а не ги убиле ни тие ни Палевски, останува прашање.

    За киднапирање и свирепо убиство на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на Вања Ѓорчевска од Скопје, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира