НЕМА ДОВОЛНО ЛЕКАРИ ЗА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ, ЗГОЛЕМЕНИ СЕ ПОСЕТИТЕ КАЈ ПСИХОЛОЗИ И ЛОГОПЕДИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    НЕМА ДОВОЛНО ЛЕКАРИ ЗА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ, ЗГОЛЕМЕНИ СЕ ПОСЕТИТЕ КАЈ ПСИХОЛОЗИ И ЛОГОПЕДИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕИако младите како категорија не се најризична група на заболени, тие се многу загрозени од општествените и економските импликации од кризата, велат здравствените експерти. (Фото: К. Попов)

    Младите во Македонија во 2022 почесто оделе на лекар во споредба со 2021, и тоа најмногу за респираторни заболувања, а зголемени се и посетите на психолог покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во чест на 12 август, Меѓународниот ден на младите. Годинава овој ден се слави под мотото „Зелени вештини за младите: кон одржлив свет“.

    Состојбата со пандемијата, вели ИЈЗ, сериозно се одразува врз младите во смисла на почесто земање психоактивни супстанци, како легални (алкохол, лекарства, тутун) така и нелегални (хероин, марихуана, амфетамини). Зголемена е и ризичната употреба на психоактивни супстанци вклучително и употреба на комбинација на лекарства и алкохол.

    Најчести симптоми на нарушено ментално здравје кај младите се искуствата на анксиозност, депресија, панично и фобично расположение, самоповредување и суицидалност, соочување со загуба, криза на идентитет, поместена агресија, зависно однесување меѓу кое интернет зависност, домашно насилство, насилство во врска, неактивност и пасивизација, негрижа за себе, ниска самодоверба, безнадежност и очај, силна психосоматизација, негативна слика за себе, силна фрустрација и ниска толеранција.

    ИЈЗ има повеќе препораки за да им се помогне на младите, како на пример: онлајн психоедукација, онлајн групи за поддршка на млади водени од лиценцирани психолози и психотерапевти, индивидуална онлајн поддршка за млади со претходни потешкотии во однос на ментално здравје и за млади од маргинализирани групи, како и психолошко советување за млади кои изгубиле некој близок во период на ковид-19, како и кариерно советување за млади.

    Дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина се остварува во 33 места пунктови, кои сите се во град. ИЈЗ вели дека во оваа дејност работат 65 лекари и 83 здравствени работници со виша и средна стручна подготовка. Притоа не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 5.448 деца од 7-19 години просечно за државата. Не задоволува и соодносот на лекарите и здравствените работници со виша и средна стручна подготовка кој изнесува 1:1.

    ИЈЗ вели дека е зголемен бројот на посети во ординација кај лекар, кај здравствени работници, а зголемен е и бројот на посети кај психолог и логопед од 1.871 во 2021 на 2.011 посети во 2022. Во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина во 2021 година регистрирани се вкупно 535.009 заболувања што е за 26.2% повеќе во однос на претходната година (423.873 во 2020).

    Во структурата на поедините групи болести, респираторните се повторно на првото место со учество од 37,2% во вкупниот број и стапка на морбидитет од 4.500,3%оо. На второ место се болести на кожа и поткожно ткиво со 5.3% учество, на третото место се одредени инфективни и паразитарни болести со учество од 4,8% . На четвртото место се болести на дигестивниот систем со учество од 4.2% , на петтото место се болести на око и аднекси со учество од 2,7% и стапка од 330.2%.

    Во 2022 година регистрирани се вкупно 105 умрени лица на возраст од 5-24 години. Дистрибуцијата по возраст покажува дека младите луѓе од 15-24 годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација и тоа со 68,6% учество. Дистрибуцијата по пол покажува дека машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.

    Извор: Институт за јавно здравје

     

    „Иако младите како категорија не се најризична група на заболени, тие се многу загрозени од општествените и економските импликации од кризата. Со оглед на тоа што станува збор за граѓани со клучна улога за одржливоста на општеството и неговата иднина, мора да се преземат мерки за заштита на младите и намалување на негативните последици врз нив. Оваа возрасна категорија сочинува околу една четвртина од вкупното население. Пандемијата и мерките за заштита од ширење на болеста имаат голем ефект врз младите“, вели Институтот.

    „Учениците и студентите беа првите кои го променија својот начин на живот со затворањето на образовните институции, во импровизираните онлајн училници кои и покрај најдобрите намери е нејасно колку се ефективни. Постојат млади без пристап до интернет и технологија чии родители не можат да им помагаат во учењето, и се под ризик уште повеќе да заостанат зад своите врсници. Отворените прашања како полагањето матура, уписите на факултет или почетокот на новата година создаваа голема неизвесност, особено кај младите кои треба да преминат од еден во друг степен на образование. Од друга страна, вознемиреноста на возрасните и притисокот да се биде постојано во рамки на семејниот систем направи дополнително негативно влијае врз менталното здравје на младите“, вели Институтот.

    Институтот за јавно здравје повикува и на комуникација помеѓу локалните заедници и младинските организации, нивна координација и усогласување на заедничките капацитети, како и поголема поддршка Агенцијата за млади и спорт.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира