Преку читање на фејсбук, вибер и смс пораки од телефонот на Антонио Кочков, учесник во протестите на „За заедничка Македонија“ и сведок на судењето за Зијадин Села, Обвинителството на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 претстави како се организирале протестите.
Лидерите на „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Игор Дурловски и Владо Јовановски се меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Кочков, кој е сведок, во фејсбук комуникација со Дејан Миланов од 24 март 2017, разговараат за учеството на протестите и секој ден се договараат кога и каде ќе се чекаат. Во нивната комуникација, Дејан постојано му испраќа пораки за дневната агенда на протестите: „Почитувани продолжува протестот за ‘Заедничка Македонија’, за Македонија се работи. Зборно место Музеј на ВМРО 16:45. Се замолуваат сите за помасовно присуство“.
Дејан му испраќа и покани за состаноци на општинските комитет во Гази Баба на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе на 30 март и двајцата коментираат дека не можат секој ден да одат на протести, станале досадни, не знаат што сакаат веќе од нив. Коментираат и дека има слаба излезеност на протестите. На 5 април, Антонио му пишува на Дејан: „Или нека дадат пушка или нека не нè дркаат веќе“, на што Дејан му одговара: „Па на тоа иде“, а Антонио вели: „Па дај еднаш нека се реши“.
Во комуникација од 07.04. пораките велат:
Дејан: Гледам работава не е на арно, да не идеш денес.
Антонио: Не планирам, ама ако се пука да доаѓам.
Дејан: Кажаа ако има нешто ќе известат.
Антонио: Не гледам резон вака да нè дркаат, не можеме секој ден. Ако се влага во Собрание или има нешто посериозно врти ми одма ќе дојдам.
Деновите после нападот на Собранието, во нивната комуникација двајцата коментираат дека немаат никакви информации што ќе се случува сега.
„Нема пораки, веќе не праќаат. Ги насанкаа луѓето, они ќе се спасат“, вели една порака.
А. АНТЕВСКА