НЕМА ПОТРЕБА ОД ПАНИКА, „АСТРАЗЕНЕКА“ Е ЕДНА ОД НАЈБЕЗБЕДНИТЕ ВАКЦИНИ, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КОМИТЕТОТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА

    НЕМА ПОТРЕБА ОД ПАНИКА, „АСТРАЗЕНЕКА“ Е ЕДНА ОД НАЈБЕЗБЕДНИТЕ ВАКЦИНИ, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КОМИТЕТОТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈАВо земјава со „АстраЗенека“ се вакцинираат лица над 77 години. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нема потреба од создавање паника кај лицата кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“, таа е една од најбезбедните и најквалитетните вакцини, која е дадена во најголем број дози на светска популација, рече д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство, на денешниот брифинг организиран од Лекарската комора.

    Македонија, следејќи ги примерите на Германија и Канада, одлучи оваа вакцина да не ја дава на лица помлади од 60 години, откако се појавија случаи на несакани реакции, како тромботична реакција. На Клиниката за хематологија се лекува 28-годишна девојка која ја примила вакцината на 21 март во Србија.

    „Кај пациентката е спроведена препорачаната дијагностика и таа прима адекватна терапија, согласно со најновите светски стандарди за третман на оваа состојба. Во моментов е стабилна и невролошката симптоматологија е скоро комплетно повлечена“, вели директорката на Клиниката, д-р Ирина Пановска-Ставридис за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Грозданова, која е и професорка на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кажа дека само во Велика Британија има над 17 милиони дадени вакцини од оваа компанија, и дека новите сознанија што се појавуваат последните десетина дена потекнуваат од неколку држави.

    „Најпрво беше препораката ‘АстраЗенека’ да не се дава кај постарата популација над 65, тоа беше во јануари некаде, оваа препорака потекна од таму што во клиничките испитувања што ги имаше оваа вакцина не беа вклучени доволен број на популација над 65 години и кога вие не вклучувате во клинички испитувања трудници или доилки или други категории, вие едноставно немате податоци за безбедноста и ефикасноста на таа вакцина кај во овој случај постарата популација. Но, вакцината почна да се дава и се виде дека има одличен безбедносен профил и таа препорака многу брзо прекина да важи и почна да се дава и кај постарата популација“, рече професорката Грозданова.

    Таа продолжи дека на 15 март, 13 земји во Европа кратковремено прекинаа давање, со цел да се разјасни оваа состојба со томботичната реакција. Почнувајќи од Норвешка, првите случаи беа таму, па во Данска, потоа пријави Австрија, значи се од ваков тип на тромбоични промени кај популација помлада од 60 години. Германија во понеделникот излезе со јасен став дека бројот на инциденцата на појава на оваа состојба во однос на бројот на дадени дози претставува доволен алармантен сигнал за времено прекинување на давање на таа вакцина кај оваа популација.

    Но, вели д-р Грозданова, кај истата таа популација, инциденцата на појава на овие заболувања, односно овие компликации е многу пати поголема кај популација која не е вакцинирана.

    „Ние имаме популација која носи веќе предиспозиција за развој на такви заболувања. Во моментов, од денеска е најново дека сега препорачуваат само една доза од ‘АстраЗенека’ кај пациентите што ја примиле првата, а се во групата под 60 години, но токму оттука е нашата мала претпазливост, додека се расчисти оваа стиуација, се обративме до Европската агенција за лекови (ЕМА). ЕМА имаше еден комитет за безбедност, мислам дека на нас воопшто не ни се пореметува планот бидејќи ние тргнавме со постарата популација. Тргнавме со 77-годишни и ‘АстраЗенека’ сега ја даваме надоле, ќе дојдеме некаде до 65 и тука сме комплетно безбедни“, кажа д-р Гроздановска.

    Специјалистот хематолог д-р Пановска-Ставридис исто така апелира до граѓаните да бидат спокојни во врска со имунизацијата против ковид-19, бидејќи несаканиот ефект на тромботична реакција по примена вакцина на „АстраЗенека“ е екстремно редок и во голема мера совладлив.

    „Најважно е да запаметиме дека придобивките од вакцинацијата за ковид-19 се неспоредливо поголеми од ризикот од евентуалните негативни ефекти. Одлуката за паузирање на имунизацијата со оваа вакцина кај лица помлади од 60 години во нашата земја е соодветна мерка со цел дополнителна заштита на здравјето до дефинитивната одлука на Европската агенција за лекови (ЕМА) околу овој став“, вели д-р Ставридис – Пановска.

    Таа препорачува консултација со матичен лекар ако во период помеѓу 4 и 21 ден од примање на ковид-19 вакцина „АстраЗенека“ се појават симптоми како губeње здив, болка во гради или стомак, оток или студенило на ногата, силна или невообичаена главоболка или заматен вид.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира