НЕМА СУДЕЊА, ОБВИНИТЕЛИТЕ РАБОТАТ ОД ДОМА, ЧЕСНО Е ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ, ВЕЛИ ЈОВЕСКИ ЗА БУНТОТ ПРОТИВ СКРАТЕНИТЕ ПЛАТИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО

    НЕМА СУДЕЊА, ОБВИНИТЕЛИТЕ РАБОТАТ ОД ДОМА, ЧЕСНО Е ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ, ВЕЛИ ЈОВЕСКИ ЗА БУНТОТ ПРОТИВ СКРАТЕНИТЕ ПЛАТИ ВО ПРАВОСУДСТВОТОВо вакви услови на вонредна состојба, намалувањето на нашите плати e резултат на негативната состојба во стопанството во овој момент, а исто така има функција на солидарност и тоа мора Уставниот суд, ако го разгледува ова прашање, да го има предвид. (Фото: СДК.МК)

    По испратеното писмо од Здружението на судии до Владата, а неофицијално и од Здружението на јавни обвинители до истата адреса, со кои тие си ги бараат назад сопрените пари како солидарност за справување со пандемијата на КОВИД-19, до дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК стигнаа реакции од некои судии, главно од Кривичниот суд, но и од Скопското и од Јавното обвинителство.

    Во телефонските реакции, дел од судиите и обвинителите велат дека не стојат зад писмата и не се дел од иницијативата против Владата, која Здружението на судии најави дека утре или најдоцна до петок, ќе ја поднесат до Уставниот суд.

    Во меѓувреме, го добивме писмото што го испратило Здружението на судии до Владата и таму со докази е поткрепено дека речиси сите, односно над 20 негови подружници ја поддржале интерната иницијатива да ѝ се укаже на Владата дека ги крши Уставот и законите со тоа што на судиите им ја намали платата од околу 1.000, на 240 евра, или на 14.500 денари колку што изнесува минималната плата. Сакаат сами да издвојуваат од платите како донација за институциите за справување со коронавирусот, а не извршната да ѝ упаѓа на судската власт. Не кажуваат колку би донирале.

    Но, државниот обвинител Љубомир Јовески не мисли како двете здруженија и смета дека судиите и обвинителите, како едни од најважните функции во нашето општество, а кои главно работат од дома, треба да ја покажат својата солидарност кон оние кои останаа без работа и кон здравствените власти кои се борат со пандемијата со коронавирус .

    „Цел живот, како судија и обвинител, сум се залагал и се залагам за почитување на законите. Но првпат имаме вонредна состојба на целата територија на државата. Здравјето на граѓаните е основно и токму заради тоа ограничени се движењата, стопанската активност е сведена на неопходност. Во правосудството, поголемиот дел од судењата се одложени, а работата на јавните обвинители освен во итните предмети, се извршува од дома. Чесно и човечки е судиите и јавните обвинители да покажат солидарност и хуманост за новонастанатата состојба. Ова ќе влијае и на зголемување на интегритетот, но носителите на овие функции кои се едни од најзначајните во општеството“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.

    Натаму, тој во изјавата вели оти е неспорно е дека со закон или со друг пропис не може да се намалуваат платите на обвинителите и на судиите, како гаранција другите власти да не влијаат врз нивната независност и самостојност.

    „Но, во вакви услови на вонредна состојба, намалувањето на нашите плати e резултат на негативната состојба во стопанството во овој момент, а исто така има функција на солидарност и тоа мора Уставниот суд, ако го разгледува ова прашање, да го има предвид. Во тоа согледување мора да се раздели дека околностите во ова време кога стопанството не може да работи, кога многу граѓани останаа без работа, нужен беше овој чекор. Исто така треба да се има предвид дека нашите плати се определени со закони, донесени од Собранието, а не со акти на правосудните органи, па според тоа намалувањето на платите на судиите и обвинителите не значи мешање во независноста на судството и самостојноста на Јавното обвинителство“, прави разлика Јовески што е мешање, а што не е мешање на извршната во судската власт, зашто законите, па и Уставот, на кои се повикуваат судиите и обвинителите ги носела законодавната власт, која пак сега во вонредна состојба ја презеде Владата.

    На крајот Јовески вели:

    „Ако треба да избирам меѓу плата и солидарност, секогаш ќе изберам да бидам солидарен со граѓаните. Не сум демагог, на сите ни требаат платите, но во овој момент на медицинарите им треба опрема, ни требаат тестови, ни треба заживување на стопанството. Апелирам до јавните обвинители во ова време, кога целиот свет се бори со опасната и непозната болест да ги покажеме солидарноста и хуманоста“.

    Кратењето на платите на избраните и именуваните лица е дел од владините економски мерки за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Како што соопшти Владата кога ја донесе уредбата со законска сила на 11 април, со мерката се опфатени 1.165 функционери и 895 директори, а вкупната заштеда за два месеци ќе биде 240 милиони денари или 3,9 милиони евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира