НЕМА ЗАБРАНА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ДА ДАВААТ УПАТИ ЗА ЕХО, ТУКУ ИМААТ СОФТВЕРСКИ ПРОБЛЕМ, ТВРДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    НЕМА ЗАБРАНА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ДА ДАВААТ УПАТИ ЗА ЕХО, ТУКУ ИМААТ СОФТВЕРСКИ ПРОБЛЕМ, ТВРДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО„Без некој да не извести, веќе месец и половина скратено е правото на закажување на снимање на пациентот на ехо на абдомен, дојка, простата. Сега пациентот упатуваме кај хирург, кај уролог во MојTермин, па потоа тој да му даде упат за снимање на ехо“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (Фото: СДК.МК)

    Здружението на матични лекари на Македонија реагира дека од почетокот на јуни имаат забрана да даваат упати за пациентите за ехо на абдомен, дојка и простата, а од Министерството за здравство велат дека ваква забрана не е ставена и дека најверојатно се работи за проблеми со софтверот што го користи ординацијата.

    „Во системот МојТермин не е поставена забрана за упатување од матичен лекар за ЕХО на абдомен, дојка и УГС и простата. Ако има некаков проблем при упатувањето, можно е да се работи за поединечен технички проблем со софтверското решение кое го користат во ординацијата. Матичниот лекар има можност да се обрати до МојTермин за да помогнеме да се надмине проблемот“, велат од Министерството за здравство.

    Од почетокот на претходниот месец јуни, како што велат од Здружението, место матичните лекари, како што беше пракса досега, сега пациентите треба да ги препраќаат на специјалист за да добијат упат за снимање на ехо.

    „Без некој да нè извести, веќе месец и половина скратено е правото на закажување на снимање на пациентот на ехо на абдомен, дојка, простата. Сега пациентот упатуваме кај хирург, кај уролог во MојTермин, па потоа тој да му даде упат за снимање на ехо“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).

    Таа вели дека со ова непотребно ќе се создаваат голем број упати, за да се преупати пациентот на ехо.

    „Вака нерационално се троши здравствениот денар, се губи драгоцено време во рано детектирање на ракот. Факт е дека немаме толкав број специјалисти. Факт е дека нема термини за MојTермин и пред сѐ човечкиот живот треба да е на прво место“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Таа како пример го посочи Скопје и клиниките, каде за МојТермин се чека и по три месеци.

    „Доаѓаме во ситуација, можно е некој пациент да има метастази, кога и минутите се важни, ние го праќаме на специјалист, а потоа тој го препраќа на снимање на ехо. Тоа го отежнува и одолговлекува процесот на лекување“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Според нејзините информации, воведувањето на ваквото решение било поради големиот број на упати за снимање на ехо. Претседателката на ЗПЛМ објаснува дека тие како матични лекари не можат и не смеат да одбијат ниту едно барање на пациент за преглед кај специјалист, но и дека се е во функција на превенција од одредени заболувања.

    Од Министерството за здравство велат дека во првата половина оваа година споредено со истиот период лани не е зголемен бројот на упати издадени од матичните лекари

    Спротивно на овие тврдења на Здружението на матични лекари, Министерството за здравство вели дека годинава нема значјни разлики во бројот на издадаени упати споередено со првите шест месеци лани и првата половина оваа година.

    „Во секундарно здравство најголем дел од пациентите се упатувани од матичен лекар“, велат од Министерството за здравство.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира