НЕНАД ЈОСИФОВИЌ ОД „ИМПЕРИЈА“ ГО ПОСОЧИ ПОКОЈНИОТ ЖАРКО ЛУКОВСКИ ДЕКА ЈА КОРИСТЕЛ НЕЗАКОНСКАТА ФИРМА „ФИНЗИ” КОЈА СЕРВИСИРАЛА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ВРЕДНА 1 ДЕНАР ЗА 30.000 ЕВРА МЕСЕЧНО

    НЕНАД ЈОСИФОВИЌ ОД „ИМПЕРИЈА“ ГО ПОСОЧИ ПОКОЈНИОТ ЖАРКО ЛУКОВСКИ ДЕКА ЈА КОРИСТЕЛ НЕЗАКОНСКАТА ФИРМА „ФИНЗИ” КОЈА СЕРВИСИРАЛА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ ВРЕДНА 1 ДЕНАР ЗА 30.000 ЕВРА МЕСЕЧНОМијалков за еден месец очекува пресуда и за незаконската набавка на британската опрема за прислушување. (Фото:СДК.МК)

    Ненад Јосифовиќ, кој е осомничен во големата истрага „Империја“ заедно со Јордан Камчев и Сашо Мијалков, сведочеше последен во предметот „Трезор“ за незаконска набавка и одржување на британска опрема за прислушување, по што овој судски процес заврши.

    Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ во „Трезор” се обвинети за незаконско присвојување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија. На 22 март ќе бидат завршните зборови на обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, а по една недела, на одбраната.

    Мијалков, Грујевски и Стајковиќ во јули 2010 година усно, без постапка за јавни набавки, со британска фирма се договориле за купување на опремата за УБК. Но, место да биде донесена од добавувачот, тројцата од УБК, со помош на раководното лице од МВР, се договараат транспортот да оди преку фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје, чиј управител бил сега покојниот сведок на СЈО Коста Крпач. Оваа фирма била основана од правно лице од САД, регистрирана во Кипар со сметка на Финзи Дооел Скопје.

    Единствено што работел овој правен субјект е што имал зголемување на основната главнина со 650.000 евра паричен влог. Овие средства се префрлени од сметката на Финзи САД, кој била отворена на Кипар, на сметката на Финзи ДООЕЛ Скопје. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-фи кар (Систина – Финзи Кардиологија).

    Според доказите, откако ФинзИ Скопје извршила увоз на опремата со вкупен износ од 1.452 403 евра, за истата опрема сумата тука ја префактурирала во 2.021.028 евра. Разликата меѓу набавната и продажната вредност во МВР е 362.000 евра, сума која отишла на сметката на Финзи Скопје.

    Вториот дел од обвинението се однесува на изрежирано одржување на таа опрема, која во МВР веќе била нефункционална, поради софтверска и хардверска застареност, и проценета на 1 денар. Така, за британската опрема вредна еден денар, месечно од МВР се одлевале по 30.000 евра на истата фирма Финзи, се до смртта на управителот Коста Крпач, кога МВР еднострано го поништило договорот за одржување.

    Оваа истрага СЈО ја почна на 28 септември 2016 година. Големата сума пари од МВР, т.е. од државниот Буџет, легнала на сметката на фирмата „Финзи”, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште пред да биде отворена истрагата. Крпач беше застрелан во април 2016, за време на предистражната постапка за незаконски земените 820.000 евра преку неговата фирма.

    Крпач во времето кога бил застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.

    Ненад Јосифовиќ, осомничен во „Империја“ заедно со Мијалков и Јордан Камчев денеска на директни прашања на обвинителот Артан Ајро зборуваше за фирмата мајка „Финзи Американ“ и „Финзи ДООЕЛ Македонија“, фирма ќерка. Како правен застапник на „Финзи Американ“, кажа дека била формирана од Орце Камчев или од член од семејството.

    „Втората беше за кардиохирургија, но не можеше да се добие дозвола“, рече тој.

    „Кој беше сопственик на Финзи дооел Македонија?“, праша Ајро.

    „Веројатно Американците“, кажа Јосифовиќ.

    „Дали сте биле правен застапник на АЦ инвестмент Лугано од Швајцарија?“, прашуваше натаму Ајро.

    „Може да сум имал полномошно за правен застапник, поминато е време, не знам“, рече сведокот.

    Дали со Финзи Македонија склучил договор за преземање на удели, Јосифовиќ, исто така, не се сеќава.

    „Дали познававте некој од управителите на Финзи во Македонија?“, праша обвинителот.

    „Мислам дека беше Владислав Стајковиќ“, кажа сведокот.

    „А лицето Коста Крпач го познавате?

    „Сум го сретнал еднаш, преку Владислав го запознав“, одговори Јосифовиќ и рече дека не знае каде работел Крпач.

    „Дали знаете ‘Финзи Американ’ кога е затворена?“, прашуваше Ајро.

    Отворена е пред 15, пред 10 години е затворена“, рече тој за фирмата „мајка“.

    „Кој го користеше ‘Финзи’ во Македонија?, следеше прашање.

    „Жарко Луковски покојниот, за сервис на телефони“, рече Јосифовиќ.

    Дали Финзи Македонија имаше договори со МВР? Дали Мијалков беше поврзан со ова правно лице?, беа прашања на кои Јосифовиќ немаше одговор.

    Но, на прашањето „Дали вие го потпишавте затворањето на правното лице во Америка?“, тој одговори: Да“. Причината била, одлука на сопственикот.

    „А на ‘Финзи’во Македонија?“, го праша Ајро.

    „Не, зашто не сум учествувал во работата, ниту сум знаел со што се занимава“, рече сведокот.

    „Дали со непостоење на содружникот, основачот, може да опстои друга фирма што е основана од оваа?“, го праша обвинителот како правник.

    „Законски не може“, одговори Јосифовиќ.

    Заврши доказната постапка во овој предмет. Завршни зборови на обвинителот судијата Бегтовиќ закажа за 22 март, а на 29 март на одбраната, по што следува пресуда за овој случај.

    Обвинението во „Трезор“ го застапуваат обвинителите Артан Арјо и Трајче Пеливанов, кој беше обвинител и во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување, во кој Сашо Мијалков во петокот беше осуден првостепено на 12 години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира