НИ ТРЕБА ДРЖАВНИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ И ЛАДНА ГЛАВА ЗА ДА ДОНЕСЕМЕ ВИСТИНСКА ОДЛУКА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ

    НИ ТРЕБА ДРЖАВНИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ И ЛАДНА ГЛАВА ЗА ДА ДОНЕСЕМЕ ВИСТИНСКА ОДЛУКА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПО СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИКовачевски апелираше граѓаните  да се држат до фактите, официјалните документи и нивната правилна интерпретација. (Фото; К.Попов)

    Ова е голема одлука за која треба државничко однесување и ладна глава за да може да се донесе вистинската одлука, му кажал премиерот Димитар Ковачевскпо на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба во Клубот на пратеници.

    Ковачевски на прес-конференцијата не се осврна на други детали од средбата, но прашан од новинарите како ќе одговори на барањата на Мицкоски да го отфрли предлогот оти тој значи асимилација и бугаризација, рече дека такво нешто нема во преговарачката рамка.

    „Со европскиот предлог не се задира во македонскиот јазик, ниту во идентитетот, тоа е мултилатерален документ кој е усогласен во ЕУ, кој ни овозможува почеток на преговорите. Македонскиот народ ниту успеал некој досега да го асимилира ниту ќе се случи во иднина некој да го асимилира. Ние сме горди на својата историја, на својот јазик и идентитет. Така било, така е и така ќе биде“, рече Ковачевски.

    Премиерот уште еднаш повтори дека со овој предлог македонскиот јазик е апсолутно чист без никакви фусноти, ѕвездички и дообјаснување, и ги става билатералните, историски прашања надвор од преговарачката рамка.

    „Сите сме свесни за чувствителноста по ова прашање, лесно е да отфрлиме, да одложиме, да избереме нова неизвесност. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, потребно е мудрост, одговорност и објективно анализирање на сите сценарија грижејќи се за иднината на нашите деца. Од ова прашање не смееме да правиме дневна политика, ова е историско важно и стратешко прашање. Апелирам до сите граѓани  да се држиме до фактите, официјалните документи и нивната правилна интерпретација“, рече премиерот Ковачевски.

    Тој кажа дека утре ќе има средба и со лидерот на опозициската Алијанса за Албанците Зијадин Села.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира