НИЕ ГО САКАМЕ ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУ И ЗАГРИЖЕН СУМ ДЕКА НОВАТА ВЛАДА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НЕПОТРЕБНО ГО КОМПЛИЦИРА ЕВРОПСКОТО ОБЕДИНУВАЊЕ, РЕЧЕ МИЦОТАКИС ВО САД

    НИЕ ГО САКАМЕ ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ЕУ И ЗАГРИЖЕН СУМ ДЕКА НОВАТА ВЛАДА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НЕПОТРЕБНО ГО КОМПЛИЦИРА ЕВРОПСКОТО ОБЕДИНУВАЊЕ, РЕЧЕ МИЦОТАКИС ВО САДИмето „Северна Македонија“ е во Договорот од Преспа и јас за тоа не можам да преговарам - Мицотакс на трибина во Вашингтон (Фото: Совет за надворешни односи)

    За САКАМДАКАЖАМ.МК од Вашингтон, Горан Михајловски

    Премиерот на Грција Киријакос Мицотакис рече дека неговата Влада е доследна на политиката за проширување на ЕУ со сите земји од Западен Балкан, но загрижен е дека на Балканот често пати се појавуваат духови на национализмот, дури и кога не се очекуваат.
    Зборувајќи на трибина во Советот за надворешни односи во Вашингтон, пред почетокот на Самитот на НАТО, тој рече дека е „сериозно загрижен кога ќе слушне дека новата Влада ја нарекува државата Република Македонија внатре во државата“.

    Мицотакис рече дека еден од најважните аспекти од Преспанскиот договор е името Северна Македонија да се употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.

    „И ова е нешто за што не може да се преговара. Многу е јасно, тоа е во Договорот од Преспа, и јас за тоа не можам да преговарам“, рече тој и најави дека има намера тоа прашање да го покрене и за време на Самитот на шефови на држави и влади. „Не е конструктивно, но не ѝ помага на Северна Македонија на европскиот пат. Тоа е непотребна компликација во време кога треба да бараме области на обединување“, рече Мицотакис и додаде дека Северна Македонија е дел од НАТО токму поради тоа што Грција го тргнала ветото за членство по потпишувањето на Преспанскиот договор.

    „Грција отсекогаш ја поддржувала европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан. И во тој поглед, ние бевме доследни во нашата политика, но проблемот со Балканот е во тоа што честопати на некој начин се појавуваат духови на национализмот и кога не ги очекувате“, рече тој.

    Не е сигурно дали Мицотакис и Мицкоски ќе имаат формална средба за време на Самитот, но и двајцата во врска со Преспанскиот договор искористија неформални настани за да испратат пораки до своите домашни јавности. Ден пред настапот на Мицотакис во Советот за надворешни односи, македонскиот премиер Мицкоски беше гостин на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, каде што пред публиката во која имаше и грчки новинари и претставници на грчката амбасада во Вашингтон рече дека ја претставува Северна Македонија, иако тоа му предизвикува мачнина во стомакот.

    Самитот оваа година има посебно значење, не само поради руската инвазија на Украина што е прва војна со агресија на европска почва по Втората светска војна, туку и поради тоа што НАТО слави 75 години од основањето, што се случи во 1949 година токму во Вашингтон. Американците како домаќини се обидуваат Самитот да помине во знак на обединување, а не кавги помеѓу партнерите, па минатата недела главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд, во интервју за Гласот на Америка на македонски, рече дека САД ги охрабруваат сојузниците „да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност“ .

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира