НИЕ СМЕ ТУКА ДА ЈА РЕЛАКСИРАМЕ АТМОСФЕРАТА, ВЛАДИТЕ СИ ПРЕГОВАРААТ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ПРЕД ЗАМИНУВАЊЕ ЗА РИМ СО РАДЕВ

    НИЕ СМЕ ТУКА ДА ЈА РЕЛАКСИРАМЕ АТМОСФЕРАТА, ВЛАДИТЕ СИ ПРЕГОВАРААТ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ ПРЕД ЗАМИНУВАЊЕ ЗА РИМ СО РАДЕВБугарскиот претседател Румен Радев рече дека треба да се обнови дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со бугарскиот претседател Румен Радев сега само пиевме кафе, но во Рим, а и на враќање ќе имаме можност да разговараме за проблемите во билатералните односи меѓу нашите две земји, кажа претседателот Стево Пендаровски на Скопскиот аеродром пред заедничкото патување со Радев на чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Ватикан. Но, вели Пендаровски, тие двајца како претседатели можат само да ја релаксираат атмосферата, бидејќи оперативно разговорите меѓу Бугарија и Македонија ги водат владите.

    „Одиме заеднички на чествување во Рим, во Ватикан, на светите браќа Кирил и Методиј. Се разбира, освен тоа што го правиме секоја година, ќе поразговараме за актуелните прашања што се во рамки на билатералните односи на Бугарија и Македонија. Ова беше само воведен разговор, сосема кратка средба. Ќе имаме прилики во Рим, можеби и на враќање да поразговараме дополнително. Нема никаков исход, овој разговор беше само пријателско пиење кафе. Оперативно, разговорите меѓу нашите две земји ги водат владите и така ќе биде и понатаму. Ние сме тука ако може да ја релаксираме атмосферата и да говориме за овој проблем што постои во нашите односи во последнава година со еден поинаков јазик. Потребно е да направиме обнова на дијалогот и како пријатели да разговараме и за најтешките прашања кои во моментов нè разделуваат, а се надевам дека наскоро ќе нè зближуваат“, изјави Пендаровски.

    Радев беше уште покус и рече дека треба да се обнови дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.

    „Заедничкото патување во Рим и оддавањето почит на светите браќа Кирил и Методиј е прекрасен повод да го обновиме дијалогот меѓу нашите две земји на највисоко ниво и сакам да ја изразам нашата општа волја да ги развиваме нашите односи во духот на соработката, пријателството и добрососедството“, изјави Радев.

    Вчера, Радев во изјава за бугарските медиуми во Брисел кажа дека се очекува Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во втората половина од јуни.

    „Се очекува во втората половина од месец јуни да има придвижување по прашањето на европскиот пат и започнување на преговори за Република Северна Македонија. Јас многу јасно сум го изразил бугарскиот став, Бугарија е најсилниот поддржувач на европската перспектива на РСМ и на Албанија”, кажа Радев.

    Во петокот, португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји беа во Скопје и Софија со нов предлог за надминување на историскиот спор меѓу Македонија и Бугарија.

    Тогаш, македонскиот премиер Зоран Заев кажа дека предлогот е добра основа за решавање на спорот, додека бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев рече дека нема да има промена во бугарската политика кон Македонија.

    Одлуката за почеток на пристапните преговори за Македонија и Албанија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни.

    М. ИЛИОСКИ

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира