НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА ДА СИ ГИ ПРИЗНАЕМЕ ГРЕШКИТЕ И ВИЕ И НИЕ, ОВА ТРЕБА ДА ЗАВРШИ СО ПОЧИТУВАЊЕ НА ВОЛЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ КООРДИНАТОРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ДАНЕВ

    НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА ДА СИ ГИ ПРИЗНАЕМЕ ГРЕШКИТЕ И ВИЕ И НИЕ, ОВА ТРЕБА ДА ЗАВРШИ СО ПОЧИТУВАЊЕ НА ВОЛЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ КООРДИНАТОРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ДАНЕВКоординаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека гласал на референдумот затоа што ставот на партијата повеќе од 10 години бил дека за спорот за името со Грција треба да се одлучи на референдум. - Данев на седница на Комисијата за уставни прашања (Фото: К. Попов)

    Волјата на граѓаните на референдумот беше јасна, тој беше неуспешен, затоа нема да гласам за него, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на денешната пленарна седница на Собранието за предлогот за пристапување кон уставни измени.

    „Договорот е штетен, но идеален договор нема. Договорот ги отвора вратите за брз влез во НАТО и можно влегување во ЕУ, тоа треба да го знаат граѓаните. Волјата на народот беше јасна, референдумот беше неуспешен, тоа го потврди и Државната изборна комисија. Затоа како пратеник немам ниту волја, ниту можност да гласам за измените на Уставот“, рече Данев.

    Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Данев рече дека гласал на референдумот затоа што ставот на партијата повеќе од 10 години бил дека за спорот за името со Грција треба да се одлучи на референдум.

    Тој кажа дека го цени повикот за помирување на премиерот Зоран Заев.

    „Никогаш не е доцна но грешките треба да ги признаеме и ние и вие. Оваа процедура не треба да заврши со предавници и патриоти, туку со почитување на волјата на народот“, рече Данев.

    Премиерот Заев во репликата до Данев кажа дека никому не му е лесно, ни на вас, ни нас. Тој го повтори повикот до пратениците да се обединат околу стратешката цел, членство во НАТО и во ЕУ.

    Пратеникот на ДУИ Артан Груби од ДУИ кажа дека иднината се гради со храброст, а не со историја.

    „Пред нас има три копчиња, зелено е за иднина, црвено за стагнација и изолација. Имајќи ја моќта во вашите раце, со ваша визија, предизвикајте го голиот популизам, немој да се криете позади народот, бидете протагонисти, не статисти. Денес засадуваме дрво, а вие зборувате за стравот од привремената сенка. Која е пожртвуваноста што се очекува, тоа е едно притискање на зеленото копче за да нашата држава има иднина“, рече Груби.

    Пратениците по редовната пауза ја продолжи расправата по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот. За дискусија пријавени се околу 60 пратеници.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира