НИКОЈ НЕ ГИ ПРАША БУГАРИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ВО 1941 ГОДИНА КАКВА Е НИВНАТА ОПРЕДЕЛБА, ПА ЦЕЛА БУГАРИЈА ДА ЈА НАРЕКУВАМЕ ФАШИСТИЧКА, ВЕЛИ ЗАЕВ

    НИКОЈ НЕ ГИ ПРАША БУГАРИТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ ВО 1941 ГОДИНА КАКВА Е НИВНАТА ОПРЕДЕЛБА, ПА ЦЕЛА БУГАРИЈА ДА ЈА НАРЕКУВАМЕ ФАШИСТИЧКА, ВЕЛИ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев и Бојко Борисов на самитот на Берлинскиот процес во Софија на 10 ноември. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев вели дека раководството на царска Бугарија во 1941 година се приклучила на Тројниот пакт на фашизмот, но бугарскиот народ не бил прашан дали се согласува и затоа не треба цела Бугарија да се оквалификува како фашистичка, одговарајќи на новинарско прашање по увидот на работите на патот за Бугарија, близу граничниот премин Деве Баир.

    „Царска Бугарија во 1941 година застанува на страната на Тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги праша Бугарите на референдум каква е нивната определба за да можеме цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници. Европа ги реши прашањата на европски начин, време е и Балканот да ги реши прашањата на европски начин. Да простиме, но да не заборавиме. Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде низ Европа и низ светот и тоа не е причина да велиме цел еден народ дека е окупатор, затоа велам администрација, затоа што тогашното раководство на царска Бугарија се приклучила на тројниот пакт. Но, денеска да зборувате за фашистичка Бугарија или фашистичка Германија, тоа не е поглед кон иднината. Прашањето е дали ги користиме вистинските зборови за да градиме иднина“, кажа Заев.

    Потсетуваме дека и кралска Југославија се приклучи на Тројниот пакт на фашизмот, како што го нарекува Заев, на 25 март 1941 година. Два дена подоцна, по масовни демонстрации во Белград со паролата „Подобро гроб, отколку роб. Подобро војна, отколку пакт“, се случи пуч и новата југословенска влада одби да го ратификува договорот со нацистичка Германија. Истиот ден (27 март) Адолф Хитлер наредува напад на Југославија, а инвазијата почнува на 6 април. Југославија капитулира официјално на 17 април, по што земјата е поделена меѓу Германија, Унгарија, Италија и Бугарија.

    Прашан за 20-тината сменети плочи, кои што ги спомена во вчерашното интервју за бугарската агеција „БГНЕС“, Заев кажа дека на дел од плочите кои се сменети пишувало „бугарска фашистичка рака“ или “бугарски фашистички куршум“, а сега останува „фашистички куршум“ или „фашистичка рака“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира