Град Скопје речиси една година откако на градоначалничката функција е Данела Арсовска нема портпарол, а таа пак никогаш не одговора на телефонски повици на новинарите.По вчерашната прес-конференција на разрешениот директор на „Водовод“ Златко Перински на која Арсовска упадна и се караше со него, редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша зошто е нетранспарентна со јавноста и новинарите, а самата таа го обвини Перински дека бил нетранспарентен и го разреши.
„Па еве ме денеска се појавив, имаме и други прес-конференции и утре ќе имаме, можете се` да ме прашате“, рече Арсовска.
На овој нејзин одговор новинарите и реплицираа дека тие прес-конференции се многу ретки и дека нема континуитет во следење на работата на Градот. Таа ниту еднаш до сега изминатава година не се јавила на телефонски повик на новинари за да одговори за некој тековен проблем што ги мачи граѓаните. Град Скопје нема ниту портпарол, па нема ни кому да се ппстават прашањата затоа одговори не се добиваат. Кога во службите ќе се јават новинари и постават прашања таа им велела „Игнорирајте ги!“
По доѓањето на Арсовска на функција експортпаролот Ваљон Салиху си даде отказ, па таа по неколку месеци ангажираше друго лице за комуникации. Но, после нецел месец тој си замина поради надоразбирања со неа и оттогаш нема абер да се ангажира ново лице.
„Па никој не сака да биде портпарол. Еве ајде дојдете вие бидете портпарол на Градот“, им рече Арсовска вчера на новинарите што ја следеа прес конференцијата на разрешениот директор на Водовод.
Досега не се случило кој и да бил градоначалник, дали Ристо Пенов, Трифун Костовски, Коце Трајановски или Петре Шилегов, Град Скопје да нема портпарол и прашањата на новинарите да се игнорираат и да не се добиваат одговори.
Арсовска не комуницира ниту со раководителите на секторите во Градот. Откако е на функција одржала само еден состанок и тоа непосредно после нејзиното доаѓање, а потоа комуникацијата одела индирекно преку секретарот Ѓоко Велковски, кого исто така вчера го разреши бидејќи, како што рече и тој бил вмешан во местењето на тендерот на „Водовод“ за пречистителната станица.
„За секретарот до вчера бев најдобрата градоначалничка, а денеска откако го разрешив не чинам. Јас имам одлична соработка со членовите на ВМРО-ДПМНЕ, немам соработка со поединци кои тераат сопствени интереси“, рече Арсовска.
Арсовска досега смени 5 директори кои таа ги постави на функција. Најпрво, само неколку дена откако го назначи го разреши од функција директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху. Во јули го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, откако неговиот брат учествуваше во инцидент на плоштадот Скендер Бег , а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сакал да го убие. Две недели потоа отказ му даде на директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов оти закла 10 коњи. Во мај пак директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски кој требаше да воведе бесплатен превоз, што беше главно изборно ветување на Аровска, сам си поднесе оставка.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали тоа што за нецела година разреши 5 директори покажува дека не е добар менаџер како што се претставуваше пред скопјани во изборната кампања, Арсовска одговори дека не се согласува со нашата констатација и дека тоа што ги разрешува директорите е за доброто на Градот.
„Не. Апсолутно не мислам така и затоа сите се поставени како в.д. директори, да се докажат и покажат на таа позиција. Доколку истите покажат нешто што отскокнува од она што Градот го бара, навистина не сметам дека било кој треба да биде заштитен само за да излезе дека јас сум во право со нечие назначување. Јас немам зошто било кого да штитам, треба да се има одговорност ако нешто не се реализира и јас како градоначалничка имам право тоа лице да го сменам“, рече Арсовска.
Таа на градоначалничката функција стапи на 13 ноември лани откако на локалните избори со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ го победи тогашниот актуелен градоначалник, кадар на СДСМ Петре Шилегов.
А. АНТЕВСКА