НИКОЈ НЕ ВЕЛИ ДА ЗАСТАНЕ ТУРИЗМОТ ВО ОХРИД, НО ЗАКОНИТЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ, ВЕЛИ СТЕФОСКА ПО НАЈАВАТА НА ПЕЦАКОВ ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗДАВА ПЛАЖИТЕ

    НИКОЈ НЕ ВЕЛИ ДА ЗАСТАНЕ ТУРИЗМОТ ВО ОХРИД, НО ЗАКОНИТЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ, ВЕЛИ СТЕФОСКА ПО НАЈАВАТА НА ПЕЦАКОВ ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗДАВА ПЛАЖИТЕСо активностите во текот на летово за отстранување на дивопоставените објекти и платформи на охридските плажи, Езерото се ослободи од огромни количини фекалии и отпадни води. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за култура Ирена Стефоска вели дека следната недела ќе закаже состанок со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, откако тој кажа дека плажите на охридското крајбрежје не се дивоградби и оти ќе се издаваат под концесии.

    Пецаков на 22 ноември рече дека плажите ќе се уредуваат и издаваат во согласност со препораките на УНЕСКО, ќе се вметнат во урбанистичкиот план и ќе се издаваат под концесија. Издавањето ќе се одвива преку јавно надавање, а идните концесионери ќе бидат обврзани да користат природни материјали кои не прават штета врз животната средина. Според најавите, на половина ќе има објекти шанкови, лежалки и други реквизити, а останатите 50 проценти од просторот ќе биде слободен за граѓаните.

    По неговата изјава, реагираа од граѓанската инцијатива „Охрид СОС“ дека плажите не само што се дивоградби, туку дел и официјално се вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид.

    „Градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 метри, со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите дозволи кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби“, велат од „Охрид СОС“ , додавајќи дека враќање на концесиите не може да има, бидејќи концесии нема. Договорите се истечени со години, а јавноста дозна дека во последните 3-4 години кираџиите не платиле ништо за привилегијата да заработуваат од екплоатација на крајбрежјето на најстарото езеро на Европа.

    Министерката Стефоска на денешната прес-конференција во Владата за Предлог-буџетот на Министерството за култура за 2022, кажа дека следната недела ќе седнат заедно со Пецаков да се договорат за понатамошните заеднички чекори во врска со заштиотата на Охридскиот Регион.

    „Секоја од институциите, било на локално или на централно ниво, има своја одговорност и ние мора заедно да работиме за да ги исполниме обврските кои сами сме ги предложиле пред УНЕСКО дека ќе ги исполниме за да останеме на престсижната луиста на УНЕСКО. Од тие причини, од Центарот за светско наследство и Комитетот на членки на УНЕСКО ни дозволија уште две години. Заедно работиме со Албанија на стратешкиот план и конкретните чекори за заштита на регионот. Се работи Урбаниот план за крајбрежјето, тој план зависи и од планот за управување со Охридскиот Регион. Тука ќе бидат ставени и условите за користење на крајбрежјето и откако ова ќе зварши тогаш може да се зборува за дали, како, кога  и кои видови на концесии ќе се издада. Сѐ мора да е онака како што е пропишано, никој не вели туризмот во Охрид да застане, скраја било“, рече Стефоска.

    Годинава, пред стартот на летото претходниот градоначалник Константин Георгиески отстрани платформи и објекти на плажите „Горица Трета“ и „Лагадин“, а на останатите објекти им беше издадена забрана за работа оти работеле нелегално, без договори за концесија и надвор од сите законски процедури, граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото.

    Со активностите за отстранување на дивопоставените објекти и платформи на охридските плажи Езерото се ослободи од огромни количини фекалии и отпадни води. При самото уривање на шанковите во Охрид биле пронајдени канализациски цевки кои завршувале во езерото. Од село Пештани до хотел Метропол, каде се отстранија нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали, откриени и отстранети биле голем број нелегални одводни цевки и јами од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира