НИТУ ДРЖАВАТА, НИТУ ОПШТИНАТА НЕ СЕ НАДЛЕЖНИ ЗА ДЕПОНИЈАТА ВО КОЈА Е ЗАТРУПАНА БИТОЛСКАТА ОБИКОЛНИЦА

    НИТУ ДРЖАВАТА, НИТУ ОПШТИНАТА НЕ СЕ НАДЛЕЖНИ ЗА ДЕПОНИЈАТА ВО КОЈА Е ЗАТРУПАНА БИТОЛСКАТА ОБИКОЛНИЦАСо години дел од магистралниот пат АЗ што води од Ресен за Прилеп, а минува над Битола, кај дивата населба, е претворен во депонија.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Депонијата крај Картон Маало на обиколницата над Битола никако да ѝ се најде чаре. Ѓубре и секаков вид отпад се прелева на магистралниот пат, но никоја од надлежните не го решава проблемот.

    Со години дел од магистралниот пат АЗ што води од Ресен за Прилеп, а минува над Битола, кај дивата населба, е претворен во  депонија. Багери многу пати ја чистеле, но одново се создава. Глетката е грда и недолична за градот кој милува да го нарекуваат конзулски. Ридишта  ѓубре со дотраена покуќнина, облека, отпадна хартија, мрши од животни, човечки измет, лепешки од коњи и каков сѐ не друг отпад на диво е исфрлен крај патот. Кога ридиштата до дивата населба ќе се преполнат, локалното население го пали ѓубрето. Некогаш тоа се тркала на коловозот и е опасно за минувачите. На еден дел од патот има и депо за стари и хаварисани возила, кои стојат наредени едно врз друго, а до нив се оставени и купишта гуми.

    Ридишта ѓубре со дотраена покуќнина, облека, отпадна хартија, мрши од животни, човечки измет, лепешки од коњи и каков сѐ не друг отпад на диво е исфрлен крај патот.(Фото: Ѓ.Личовски)

    „Тука го носиме ѓубрето крај патот, а каде да го оставаме? Ова е дива населба, нема асфалтирани патишта, вода, контејнери. Зарем долу в град да слегуваме за ѓубрето да го оставаме“, вели  Вејсела Ибраимовска, жител на битолското Картон маало.

    Неурбанизирана населба се појави пред многу години и само се проширува. Од магистралниот пат ги дели обична банкина од половина метар. Сите живеат на иста адреса, претежно социјални случаи кои доколку населбата се урбанизира ќе треба да плаќаат вода, комуналии и ѓубретарина.

     

    Неурбанизирана населба се појави пред многу години и само се проширува. Од магистралниот пат ги дели обична банкина од половина метар.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Од Општина Битола велат дека обиколницата е дел од магистралниот пат А3, кој е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта.

    „Иако одржувањето на овој пат не е во надлежност на Општина Битола, во неколку наврати, на барање на општината, ЈКП ‘Комуналец’ го исчисти делот со ѓубре, кој претставува опасност за возачите, но истовремено остава лош впечаток за сите кои транзитираат околу Битола“, велат од Општина Битола.

    И покрај тоа што во повеќе наврати ЈП „Комуналец“ по барање на Општината, а во соработка со другите општински јавни претпријатија со  механизација ја чистеле депонија крај патот, таа одново се создава и решение нема. Јавните претпријатија без довола од полиција немаат право да интервенираат на регионални и магистрални патишта.

    Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека надлежни за одржување и заштита на обиколница над Битола се „Македонија пат“, а тие немаат обврска за расчистување на кабаст отпад.

    Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека надлежни за одржување и заштита на обиколница над Битола се „Македонија пат“, а тие немаат обврска за расчистување на кабаст отпад.(Фото: Ѓ.Личовски)

    „Како што може да забележите отпадот што се фрла е комунален отпад кревети, машини, мртви животни и друго. ЈП за државни патишта нема надлежност за расчистување на таков вид кабаст отпад, туку само за отпад кој е од учесниците во сообраќајот фрлени шишиња, кеси и друго. Иако неколку пати годишно  ‘Македонија пат’ подружница Битола,  за да помогне во целата ситуација го расчистува целиот потег. Но, наредниот ден ситуацијата со отпадот е иста, односно населението веднаш фрла друг отпад и го отежнува движењето на сообраќајот. Истото претставува социјален проблем на население во населба која е веднаш до патот, кој треба да се решава во рамките на Општина Битола и други надлежни институции“, писмено ни одговори Ване Трајановски од ЈП за државни патишта.

    Во еден дел покрај патот стојат хаварисани возила и купишта гуми.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Ситуацијата во однос на безбедноста ќе се подобри со поставувањето на заштитна ограда на обиколницата. Од ЈП за државни патишта во фаза е јавна набавка за избор на изведувач за поставување на звучна бариера.

    Обиколницата на Битола е рак рана со години. Сегашната власт патот затворен со свлечишта и депонии го наследи од претходниците. Во изминатите две години беше направено комплетно санирање на свлечиштето, продолжување на бетонскиот ѕид и поставување на нов ѕид. Воедно се изврши и рехабилитација на магистралниот пат во должина од 8 км, односно комплетно асфалтирање, бележење на нова хоризонтална сигнализација и поставување на нова еластична одбојна ограда.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари