НОВИ ПОВИСОКИ ЦЕНИ НА ПРЕХРАНБЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ, ЕДНИ ДЕКА СЕ ЛУКСУЗ, А ДРУГИ ДЕКА НЕ СЕ ЗДРАВИ

    НОВИ ПОВИСОКИ ЦЕНИ НА ПРЕХРАНБЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ, ЕДНИ ДЕКА СЕ ЛУКСУЗ, А ДРУГИ ДЕКА НЕ СЕ ЗДРАВИСе зголемува ДДВ на повеќе производи меѓу кои се чај, цвекло, лутеница, сладолед, чипс, мусли, овесни снегулки, зачини, млечни намази, кроасани, замрзната риба, храна за бебиња и друго. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стотина прехранбени производи поскапеа откако Владата го зголеми ДДВ од 5 на 10 отсто. Од денеска на сила стапува Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ која Владата ја донесе на 28 септември, а која стапува на сила од денеска.

    Со оваа одлука се зголемува ДДВ на повеќе производи меѓу кои се чај, цвекло, лутеница, сладолед, чипс, мусли, овесни снегулки, зачини, млечни намази, кроасани, замрзната риба, храна за бебиња и друго. Прозводите, како што велат од Владата, поскапуваат оти се луксуз или не се добри за здравјето.

    „Листата на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и производи, а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје. На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи, козјо месо, посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично. Исто така, поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата“, велат од Министерството за финансии.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, вели дека зголемено е ДДВ на 358 категории производи и дека граѓаните најмногу реагираат само за 10 прехранбени производи. Додава дека Владата уште на наредната седница во вторник ќе направи измена на одлуката за дел од производите за кои најмногу реагираат граѓаните.

    „Навистина не влегуваме во дефинирање што е луксуз, за кого е луксуз. Може да е пропуст во еден момент, може да не е. Од реакциите што ги гледам од вчера, граѓаните најчесто реагираат за 10 производи од 2.000 групи на производи коишто се опфатени со одлуката. Затоа, сметам дека за 10 производи нема никаков проблем да направиме измена на одлука“, рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање на екомскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“.

    Според проценките на Владата, со оваа законска измена во буџетот ќе влезат 70 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира