ОБРАЗОВАНИЕТО Е ИДНИНА, НИТУ ЕДНО ДЕВОЈЧЕ НЕ СМЕЕ ДА ОТСУСТВУВА ОД УЧИЛИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНСТРУАЦИЈА, РЕЧЕ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈ

    ОБРАЗОВАНИЕТО Е ИДНИНА, НИТУ ЕДНО ДЕВОЈЧЕ НЕ СМЕЕ ДА ОТСУСТВУВА ОД УЧИЛИШТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНСТРУАЦИЈА, РЕЧЕ БРИТАНСКАТА АМБАСАДОРКА ГАЛОВЕЈДенес во „Веро Џамбо“ до 18 часот ќе трае акцијата на која може да се донираат производи за менструална хигиена за девојчињата од социјално ризични групи. (Фото: СДК.МК)

    Образованието е иднината на 21.век и ниту едно девојче не смее да отсуствува од настава за време на менструација поради несоодветни хигиенски услови, рече денес британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Амбасадорката донираше пакети хигиенски влошки на хуманитарната акција „Да ја искорениме менструалната сиромаштија“ во „Веро џамбо“.

    Денес во „Веро Џамбо“ до 18 часот ќе трае акцијата на која може да се донираат производи за менструална хигиена за девојчињата од социјално ризични групи. Акцијата ја организира здружението Новинари за човекови права, во рамките на проектот „Да ја намалиме менструалната сиромаштија“.

    Наташа Доковска од здружението Новинари за човекови права потсети дека во соработка со Британската амбасада работат на обнова на тоалети во две училишта во земјава и дека нивна цел е сите девојчиња во државата кои се во репродуктивен период да добиваат бесплатен месечен пакет со средства за менструална хигиена.

    „Велика Британија веќе го востанови тоа, наша цел е да станеме втора земја во Европа која ќе дели бесплатни хигиенски влошки. Работиме на тоа да го убедиме бизнис секторот да донира по 1 процент од нивниот профит за средствата за менструална хигиена“, рече Доковска.

    „15 отсто од жените немаат пристап до производи за управување со менструалната хигиена. Високата цена на производите е една од причините за менструалната сиромаштија. Да ѝ се спротивставиме сите заедно и да донираме хигиенски влошки“, велат од Здружението.

    Според последното истражување на здружението и Институтот за јавно здравје , петнаесет отсто од девојчињата во Македонија користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена. Истражувањето било направено лани во април и мај, во Скопје, Велес и Куманово, со 800 испитаници, на возраст од 14-45 години.

    Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена, вели Наташа Доковска од Новинари за човекови права.

    „Во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства“, вели Доковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира