Обвинителство организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против пет (фатени) лица од криминалната група од тетовското село Грчец, а во обвинението ги нема нивните доушници од МВР, обвинителството и од судовите, за кои за време на акцијата за апсење на крајот на јануари зборуваше тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Министерот за внатрешни работи тогаш кажа дека утврдиле лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците, односно биле соработници во криминалните активности и додаде дека „ова е почеток на чистење на тие криминални структури во институциите на системот. Ќе бидете сведоци во наредниот период на некои активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата“.
Тој рече дека има инволвирани во многу институции, и во МВР, и во други агенции, и во министерства, и во судови, и во обвинителство.
Водачите на групата Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани, објавени на сајтот на МВР се уште се во бегство, а во март годинава тогашниот министер за правда Кренар Лога побара нивна екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати. Обвинителството вели дека за нив ќе се водат одвоени постапки, од моментот кога ќе бидат достапни, односно екстрадирани во Македонија.
За во Македонија има докази за 15 килограми кокаин, а во јануари Спасовски рече дека на меѓународниот пазар групата транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.
Тој спомена обид за убиство на лице од Бардовци, убиство на албански државјанин најден во Горна Матка на 15 мај 2020 и двојно убиство на 5 март 2021, кога во Скопје беа убиени А. Б. и Б. В..
Според описот наведен во првиот дел од обвинението, тројца од обвинетите како припадници на организираната меѓународна криминална група извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл.215 ст.3 од Кривичен законик. Тие како припадници на организирана меѓународна криминална група, заедно со други лица од кои дел се осомничени во предметот и се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале, секој во својата улога на неовластена набавка, пренесување, држење, продажба и посредување во купопродажба.
Во повеќе наврати во текот на 2020 година овие тројца обвинети биле вмешани во купување на 15 килограми кокаин, во пренесување и продажба во државава.
„Меѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала во временскиот период од 14.06.2019 до 09.03.2021 година при што во повеќе наврати спровела неовластено купување на наркотична дрога – кокаин од земјите од Јужна Америка, организирајќи го и нејзиното пренесување преку воден пат до Европските земји. Неовластеното пренесување на наркотичната дрога – кокаин наменета за неовластена продажба во РС Македонија од Кралството Белгија, и од Албанија преку Косово, го договарал и организирал еден од осомничените во предметот – недостапен на органите на прогонот кој е организатор на групата во РС Македонија“, вели ОЈО за организиран криминал.
На останатите двајца обвинети им се става на товар дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 ст.3 и Убиство од чл.123 ст.2 т.5 од Кривичен законик.
Имено, во временскиот период од декември 2019 до март 2021 година, осомничениот организатор на погореспоменатата криминална група Шеваљ Муареми кој е во бегство, заедно со уште едно лице недостапно на органите на прогонот и двајца сега починати, создале криминална група која имала за цел вршење на кривично дело Убиство од одмазда и убиства по порачка. Припадници на групата покрај двајца починати, станале и двајца осомничени во предметот – недостапни на органите на прогонот, како и двајцата обвинети.
„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Одлуките ги спроведувале лично или преку припадниците на организираната криминална група, кои ги прифаќале и спроведувале, а договорите, налозите и упатствата биле пренесувани во непосредни контакти или преку енкриптирани телефони на кои била инсталирана апликацијата ‘SKY’. Така, организаторите врз основа на претходни сознанија во кои биле цврсто убедени дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелката во Хотел ‘Александар Палас’ во Скопје, каде со употреба на огнено оружје било пукано кон дел од членовите на групата, започнале да прават план за лишување од живот на лицето. Откако донеле одлука да го убијат, ги ангажирале двајцата обвинети и уште едно сега починато лице, давајќи им налог да го следат неговото движење. По неколку неуспешни обиди на 5.3.2021 година, обвинетите и сега починатиот, употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери, го запреле возилото во кое се наоѓало лицето кое им било цел со уште три други лица и со употреба на автоматско оружје и пиштол го лишиле од живот, притоа убивајќи уште едно лице кое седело зад него“, опишува Обвинителството што правеле овие луѓе.
Со Обвинителниот акт предметниот обвинител достави и посебен предлог на обвинетите да им се продолжи мерката притвор, поради можност да избегаат или да го повторат делото.
Наредбата за спроведување на истражна постапка беше донесена во јануари против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја.
Така, за две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите арапски емирати, за едно лице до Хрватска и за едно лице до Шпанија.
„Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени“, кажа ОЈО за организиран криминал.
С. К. ДЕЛЕВСКА