Одобрено е обвинението против В.М., Б.В. и В.К. обвинети за по две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл. 22 од КЗ и чл. 123 ст. 2 т.1 и т.4 в.в со чл. 22 од КЗ како и две кривични дела – Грабнување од чл. 141 ст.2 в.в. со ст.1 и в.в. со чл. 22 и чл. 141 ст. 1 в.в. чл. 22 од КЗ, и обвинетиот А.Ѓ. таткото на Вања Ѓорчевска обвинет за едно кривично дело Грабнување чл. 141 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл. 24 од КЗ, по што следно е да почне судскиот процес.
Но, во ова обвинение го нема екстрадираниот Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски. Тој е во друга постапка и истрагата против него сè уште не е завршена.
Според она што го пишува Кривичниот суд Скопје, судењето за четворицата обвинети ќе почне.
„Врз основа на одобрениот обвинителен акт се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена. Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против прво осомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е сè уште во фаза на обвинителска истрага“, вели Судот.
Приговорите на одбраната биле одбиени како неосновани, а Обвинителниот акт за четворицата е одобрен во целост.
Тројцата обвинети уште по апсењето дале одделни идентични изјави за свирепите убиства, кога и сите го посочиле Палевски дека бил организатор на грабнувањата и на убиствата и оти лично тој им го одзел животот на девојчето и на возрасниот човек од Велес.
Според обвинението, прво на 22.11.2023 овие соизвршители заедно со Палевски извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .
„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика, затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда“, наведува Обвинителството.
Но, до планираниот откуп воопшто и не дошло. Вања веднаш ја убил Палчо, така вели обвинителството, но и сите останати обвинети, освен таткото, кој негира учество во киднапирањето на неговата 14-годишна ќерка.
„Во Дупки во Бразда, на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот Палевски ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа, на нива покрај земјен пат во атарот на истото село го запалиле автомобилот ‘цитроен’ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.
И покрај негирањето на таткото на Вања за вмешаност во киднапирањето, сепак Обвинителството остро го вперува прстот во него и тврди дека има докази за таткото за соучесништво во киднапирањето на неговото дете, кое по само три часа завршило со смрт.
Киднапирањата и убиствата се извршени од користољубие, заклучи Скопското јавно обвинителство. Вања требало да биде откупена според планот, од мајка ѝ. Деталните докази обвинителот ќе ги презентира на судењето и ќе ѝ го даде одговорот на јавноста: „Ако била киднапирана за изнуда на пари, зошто веднаш ја убиле Вања?“.
С. К. ДЕЛЕВСКА