ОБВИНЕТИОТ ПЕШЕВСКИ НЕ Е НА СПИСОКОТ ЧЛЕНОВИ НА НЕФОРМАЛНОТО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО „ЗА ТАТКОВИНАТА СО ЉУБОВ“, ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ ВЕЛИ НИКОЈ НЕ ДОБИВА НАДОМЕСТОК

    ОБВИНЕТИОТ ПЕШЕВСКИ НЕ Е НА СПИСОКОТ ЧЛЕНОВИ НА НЕФОРМАЛНОТО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО „ЗА ТАТКОВИНАТА СО ЉУБОВ“, ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ ВЕЛИ НИКОЈ НЕ ДОБИВА НАДОМЕСТОКБитиќи објаснува дека станува збор за неформално тело и никој не добива надоместок. (Фото: Влада на РСМ)

    Поранешниот вицепремиер во Владата на Никола Груевски, Владимир Пешевски, не е на списокот членови од советодавното тело на вицепремиерот Фатмир Битиќи „За татковината со љубов“. Битиќи денеска на својот фејсбук профил ги објави имињата на луѓето кои се активни членови во платформата, меѓу кои го нема името на Пешевски, ниту пак на ексминистреот за финансии од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Миновски. Битиќи вчера во интервју за Телма одговори потврдно на новинарското прашање дали Пешевски и Миновски се членови на оваа платформа.

    Владимир Пешевски е меѓу обвинтите во случајот „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати со незаконски тендер со кој според обвинението, државата е оштетена за околу 160 милиони евра. Судењето за овој случај е пред изрекување пресуда.

    Битиќи денеска објаснува дека станува збор за неформално тело и дека никој од членовите не добива надоместок.

    „Станува збор за неформално тело, платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за да дојдеме до поквалитетни предлози и политики. Тие не се професионално ангажирани како советници во мојот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту пак ќе примаат каков било надомест. Покрај оваа неформална група, јас секојдневно разговарам со различни претставници од бизнис заедницата, академци, граѓани. И нивните барања и мислења влијаат на предлозите што ние потоа ги даваме и ги усвојуваме како Влада“ вели Битиќи.

    Тој објави дека активни членови на платформата, во моментов се Агим Мамути, Благица Петрески, Борче Треновски, Борче Смилевски, Борис Ефтимовски, Ванчо Узунов, Висар Адеми, Вељанд Рамадани, Горан Рафајловски, Зоран Кочоски, Игор Ивановски, Игор Андреев, Коста Петров, Љупчо Зиков, Марјан Петрески, Никица Мојсовска Блажеска, Никола Поповски, Нина Фити, Олимпија Заевска-Христова и Сашо Ќосев, како и министерот без ресор во владата на Груевски, Веле Самак, како и поранешниот директор на ТИРЗ во неговата власт, Виктор Мизо.

    Составот како што објаснува Битиќи е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата.

    „Тенденција ни е да ги вклучиме сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес и составот верувам дека ќе се проширува значително во иднина. Повеќе различни аспекти на гледање на работите, можат само да бидат од корист. Сите заедно ние сакаме да покажеме дека без оглед на сите останати разлики, патот за просперитет на нашата татковина е поважен од било што друго. Нема да дозволиме никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниту пак какво било партиско-политичко профитирање. Сите кои сакаат да помогнат се добредојдеи“, објаснува вицепремиерот за економски пршања Битиќи.

    На 3 декември, Битиќи исто така на Фејсбук објави дека е формирана платформата „За татковината со љубов“ и дека првиот состанок го одржале онлајн на 2 декември вечерта, но не ги објави имињата на членовите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира