ОБВИНИТЕЛОТ БЕКТЕШИ КОЈ РЕЧЕ ДА МУ СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ НА АЉИМИ ОД ДУИ, БАРА ПОВИСОКА КАЗНА ЗА ЈАНЕВА, КОЈА РЕКЛА ДА МУ СЕ ДАДЕ ВРЕМЕН ПАСОШ НА КАМЧЕВ

    ОБВИНИТЕЛОТ БЕКТЕШИ КОЈ РЕЧЕ ДА МУ СЕ ВРАТИ ПАСОШОТ НА АЉИМИ ОД ДУИ, БАРА ПОВИСОКА КАЗНА ЗА ЈАНЕВА, КОЈА РЕКЛА ДА МУ СЕ ДАДЕ ВРЕМЕН ПАСОШ НА КАМЧЕВВишиот обвинител Диљавер Бектеши на денешната јавна седница на Апелациониот суд. (Фото: СДК.МК)

    Вишиот јавен обвинител Диљавер Бектеши, кој во ноември лани напиша мислење до Апелациониот суд Скопје да им се вратат пасошите на веќе осудените во прв степен Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, денеска во Апелација бара не 7 години, туку на Катица Јанева да ѝ се зголеми уште повеќе затворската казна зашто дала позитивно мислење да му се даде времен пасош на осомничениот во „Империја“ Јордан Камчев за службено патување.

    На денешната јавна седница во жалбена постапка адвокатката Ирена Фрчкоска првин праша зошто е осудена поранешната специјална обвинителка, потсетувајќи првин на сведочењето на самиот Камчев.

    „Ниту му е понудено да биде заштитен сведок, ниту му е олеснета положбата, ниту му е понудена спогодба. Тоа самиот Камчев го кажа во сведочењето пред првостепениот суд”, рече Фрчкоска. И додаде:

    „Самиот Камчев и во разговорите кажува дека излегол од притвор во група со 10 луѓе. Во што се состои злоупотребата на Јанева чесен суде? Дали докажа Обвинителството? Не. Дали со нешто докажа дека зела пари од Јовановски или од Камчев? Не. Тука го имаме следново: Некој, за да се спаси од кривичен прогон, го смислува целото сценарио. Откако не успеал да истргува и да се спаси, Камчев решава да пријави во ОЈО за организиран криминал. Што правел 3 месеци? Зошто одма не пријавил кога наводно му ги барале парите? Ќе ги обележеле парите органите на прогонот, и ќе ги фателе примателите на поткупот”, зборуваше адвокатката.

    Во продолжение рече дека доказ дека биле земени пари – нема!

    „Ние не видовме такви докази. Овде нема случај, сè е претпоставка! Да не се потруди обвинителството да мрдне со прст! Како може Камчеви да ваделе наводно толку пари од банка, а обвинителството да не обезбеди доказ од ниту една од банките? За што е осудена Катица Јанева на 7 години?”, прашуваше Фрчкоска.

    Адвокатот Дељо Кадиев прашува како може 25 килограми, колку што тежи милион евра во апоени по 50 евра, да носите со 2 прста. – Скриншот од видеото од домашната камера на Орце Камчев (Фото: Одбраната на Катица Јанева)

    За снимката како седи дома на тросед Јанева, таа праша: „Како изброи обвинителството дека парите пред неа се 50.000 евра? Сè е претпоставка, таа е осудена без докази. Јанева е имотна жена, со имот стекнат многу, многу одамна”, рече Фрчкоска.

    На ова, адвокатот Дељо Кадиев додаде: „Да, точно е дека седи на гарнитура, но на својата стара гарнитура, оти новата до ден денеска не е набавена!”.

    Така, она што го тврдеше обвинителството тој ден, е всушност, стара гарнитура на Катица, рече тој.

    „Судот не може да влезе ниту во мислите на Бојан Јовановски, ниту на Орце Камчев. Повикувајќи се на разговор меѓу двајцата во кои спомнуваат: ‘меѓу 5 и 8’, судот во образложението на пресудата вели: ‘сигурно зборуваат за милиони евра’. Од каде знае судијката за што зборуваат? Во нивните глави е?”, праша адвокатот Кадиев.

    Зборуваше и за нелогичноста за камерите на Камчев, за снимките што тој ги правел.

    Кадиев во продолжение кажа: „Нам не ни беа дадени сите докази на обвинителството. Не ни ги дадоа сите незаконски снимени телефонски разговори. Баравме да видиме дали се прелепувани, местени. Зошто не ни беа дадени? Дека требаше да биде осудена Јанева?”, праша тој.

    „Катица не ми понуди спогодување, не ми понуди да бидам заштитен сведок, самиот рече сведокот Орце Камчев, спротивно на обвинението”, продолжи Кадиев сега да ја напаѓа пресудата.

    Но битна е тука, рече тој, Ана Камчева, сведок. Никој од обвинетите не им пришол на Камчеви. Напротив, обратно е. И тоа, преку Зоран Милевски, кој призна вина. Тој бил пратен од Камчев, требало да оди кај Јовановски да нуди пари и да сними што ќе зборат.

    „Ваквото нешто беше отфрлено како доказ во случајот ‘Поткуп’ против Заев. А овде гледаме за Катица има поинаков аршин”, рече тој.

    Потоа им подели фотографии на петтемина апелациони судии зумирани фотографии на кои се гледа дека Милевски торбата „Луј Витон“ ја носи само со 2 прста.

    „Како може 25 килограми, колку што тежи милион евра во апоени по 50 евра да носите со 2 прста? Во другите 2 има клучеви, еве се гледа на фотографијата чесен суде. Кажете ми, какви се овие посебни закони на физиката?”, праша Кадиев.

    Тој потенцираше: „Зошто обвинителството не ги прибави несесерот на Ана Камчева во кој тврдеше дека ставила 350 илјади евра и му ги дала на Јовановски? Да да ставиме 350 илјади евра, да видиме дали собира толку пари во несесер?”.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира