ОБВИНИТЕЛСТВО ДА ГО ИСТРАЖИ КРИМИНАЛОТ ОД 42 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ, БАРА ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ

    ОБВИНИТЕЛСТВО ДА ГО ИСТРАЖИ КРИМИНАЛОТ ОД 42 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ, БАРА ДИРЕКТОРОТ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ„Спремен сум да го доставам сите документи и изјави на сведоци. Не знам што се чека до сега. Ова е вистински криминал. За зградата се потрошени 42 милиони евра, а според мене таа не чини повеќе од 6 милиони евра. Ова не е објект, ова е гулабарник“, вели директорот на Државниот архив Кирил Петров; - Зградата на Археолошки музеј во која се сместени и Државниот архив и Уставниот суд(Фото:СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство по допрен глас треба да ги истражи криминалите во изградбата на зградата на Археолошкиот музеј за која беа потрошени 42,8 милиони евра, вели Кирил Петров, директор на Државниот архив кој заедно со Уставниот суд е сместен во истата скапа зграда. При секој дожд просториите каде што е сместен Архивот се поплавуваат и се загрозува архивската граѓа стара со векови. Низ ходниците и канцеларии вработените поставуваат кофи, а документите се преместуваат за да не се уништат.

    Досега никој, ниту од институциите кои се наоѓаат во објектот, ниту Министесртвото за култура и Службата за општи и заеднички работи на Владата кои беа инвеститори не поднеле тужба до изведувачот и надзорот.

    Автор на проектот за објектот Археолошки музеј е „Етапа проект“, изведувачи на градежните работи беа „Бетон-Штип“, „ГП Гранит-Скопје“ и Градежен институт Македонија. Инвеститори беа Службата за општи и заеднички работи, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. Зградата на кејот на реката Вардар е дел од проектот Скопје 2014 и се градеше 4 години, а беше пуштена во употреба во 2013. На свеченоста присуствуваше тогашниот премиер Никола Груевски, ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска и други функционери од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ.

    „Освен што прокиснува при секој дожд, имам документ од ИЗИИС дека шестиот кат каде што се наоѓаат архивските документи не може да ја издржи тежината. При посилен земјотрес може да се сруши. Од последниот земјотрес има пукнатини низ објектот“, вели директорот на Архивот Кирил Петров (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Архивот Петров вели дека тој сам ништо не може да направи, туку треба Обвинителството да отвори случај како е можно толку скапо платена зграда да биде во ваква состојба нецели 4 години по предавањето во употреба.

    „Јас ништо не можам да направам. Треба Основното јавно обвинителство по допрен глас да поведе постапка за целата зграда во која се сместени и Археолошкиот музеј и Уставниот суд. Спремен сум да го доставам сите документи и изјави на сведоци. Не знам што се чека до сега. Ова е вистински криминал. За зградата се потрошени 42 милиони евра, а според мене таа не чини повеќе од 6 милиони евра. Ова не е објект, ова е гулабарник. Освен што прокиснува при секој дожд, имам документ од ИЗИИС дека шестиот кат каде што се наоѓаат архивските документи не може да ја издржи тежината. При посилен земјотрес може да се сруши. Од последниот земјотрес има пукнатини низ објектот“, вели Петров.

    Петров вели дека го нема документот со кој Архивот е сопственик на двата ката од објектот, односно ги презема од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК до владината Служба за општи и заеднички работи и до Минисѕерството за култура г постави следниве прашања:

    Дали е известен изведувачот на објектот Археолошки музеј и Уставен суд каде е сместен Државниот архив за состојбата во која се наоѓа од неговото пуштање во употреба до денес? Дали ќе се бара одговорност од надзорот поради направени пропусти при изведбата кои сега прават штета? Дали објектот има гаранција и дали е осигуран? Дали ревизорот на проектот е запознаен со ситуацијата во која сега се наоѓа објектот?

    Ниту Службата ниту Министерството не одговорија дали ќе се бара одговорност од надзорот поради направени пропусти при изведбата кои сега прават штета.

    Од Службата за општи и заеднички работи на Владата ни одговорија дека објектите се предадени во владение на институциите по изградбата и пуштањето на употреба на објектот, и сите понатамошни постапки треба да ги преземат тие. Од таму додаваат дека  според договорите кои ги склучило минатато раководство, објектот има гаранција само од две години, а таа веќе е измината.

    И од Министерството за култура велат дека тие немаат надлежност врз Државниот архив, кој како институција е надлежност на Владата, туку само на Археолошкиот музеј, за да преземаат било какви дејствија.

    Од Обвинителството не одговорија дали ќе отворат случај по допрен глас.

    Но министерот Роберт Алаѓозовски вчера на прес-коференција на новинарско прашање одговори дека заедно со Владата бараат нови простории за преселба на Државниот архив, оти при секој дожд загрозена е архивската граѓа, поради несоодветна градба на објектот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари