Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири е пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд, Обвинителството за организиран криминал и корупција бара притвор. Зекири и двајца хрватски државјани се осомничени дека со изигрување на тендерската постапка, незаконски присвоиле 145.400 евра.
Како што соопшти Обвинителството, во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за консултантската куќа од Хрватска прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 940.000 евра на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем за 145.400 евра, бидејќи договорениот износ за вршењето на консултантски услуги бил 795.000 евра.
Одлуката за консултантските услуги била донесена претходно на седница на Владата, но не во износ кој Зекири го потпишал.
Според опишаните дејствија во наредбата за истрага, постои основано сомнение дека првоосомничениот – висок функционер во Владата, во својство на службено лице сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, за што му помогнале останатите двајца осомничени.
Поради реална опасност осомничените да избегаат, дотолку повеќе што двајца од нив се странски државјани, како и опасност тие да ги уништат трагите, да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата.
С. К. ДЕЛЕВСКА