ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ ПОВИКУВА ОПШТИНИТЕ ДА ПРИЈАВАТ КОРУПЦИЈА ПРИ ИСПЛАТАТА НА ОТШТЕТА ЗА КАСНУВАЊЕ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ ПОВИКУВА ОПШТИНИТЕ ДА ПРИЈАВАТ КОРУПЦИЈА ПРИ ИСПЛАТАТА НА ОТШТЕТА ЗА КАСНУВАЊЕ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊАВо кривичните пријави треба да се укаже на елементи на фалсификување службена исправа, како медицински потврди и други документи за да се обезбеди надоместот, како и одредени измамнички дејствија кои се кривични дела и за кои надлежните обвинителства би можеле да преземат кривичен прогон, велат од Обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Надлежните институции треба да ги документираат сите сомнежи за лажно пријавување каснување од улично куче заради отштета и, секако да поднесат пријави до надлежните Обвинителства, зависно во која општина се сомнителните настани, велат од Државното обвинителството за откривањето евентуални организирани криминални спреги со исплатата на обесштетувањето. Станува збор за мрежи со кои се лажно се пријавува каснување од куче во полиција, лекари даваат лажни потврди за повредата, а адвокати ја тужат Оштинатата за отштета, за што од општинските буџети се излеваат стотици илјади евра годишно, а сумата расте од година в година.

    Обвинителството во одговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК дури и ги едуцира граѓаните, надлежните инспекторати и Oпштините, како да ги именуваат кривичните пријави што би ги поднеле, за да не остане само за сомнеж, туку обвинителите да проверат, истражат…

    „Во описот на овие сомнителни дејствија што ги наведувате, би можеле да бидат опфатени елементи на фалсификување службена исправа во форма на медицински потврди и други документи потребни да се обезбеди надоместот, како и одредени измамнички дејствија кои претставуваат кривични дела и за кои надлежните јавни обвинителства би можеле да постапуваат и да преземат кривичен прогон кон евентуалните сторители“, упатува Обвинителството.

    Во МВР, како орган на откривање кој треба да поднесе кривични пријави до Обвинителството, не добивме одговор на прашањата дали надлежните во Министерството, или можеби СВР-а во поедини градови, истражуваат спреги на поврзаност меѓу лекари, адвокати и наводни жртви, за измами со цел незаконски исплати од каснувања од куче?

    Преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК во неколку наврати добивме реакции на граѓани, некои поткрепени и со конкретни податоци, дека во повеќе градови, а особено во Скопје, има организирана коруптивна спрега за исплати на отштета за каснување од куче, во која се вклучени исти адвокатски канцеларии, а со нивна помош исти луѓе добиваат отштета и повеќе од 10 пати. САКАМДАКАЖАМ.МК не беше во можност независно да ги верификува овие пријавени тврдења во Град Скопје, поради тоа што градската власт е затворена и не одговара на прашања од медиумите.

    Советникот и заменик-градоначалник на Битола, Бојан Бојковски, на последната седница на општинскиот Совет на 22 мај јавно кажа дека исти адвокати и лекари по пет пати на ден издавале документи за каснување од куче. Тој во телефонски разговор ни потврди дека се сомнева оти се работи за организирана мрежа.

    „Лично мене телефонски ми се јавиле неколкумина граѓани кои вистински биле каснати од кучиња. Велат уште не излезени од болница, им се јавил адвокат нудејќи им да ја тужат Општината. Граѓаните се прашуваат од каде адвокатот научил за нивните случаи и од каде им ги дознал телефонскиот број. На некои дури им нудел усна спогодба, тој да ги застапува во тужењето, а кога ќе го добијат случајот и стигнат парите за оштета дел од нив да земе адвокатот, а дел повредениот“, рече Бојкоски.

    Но, иако постојат сомнежи дека биле лажирани дел од случаите за кои битолчани поднесувале тужби за оштета од наводни напади и каснувања од улични кучиња и дека постои организирана мрежа за тоа, досега никој не поднел ваква пријава до полиција. Од битолската болиција ни одговорија дека се случува на ден да има и по десет пријави за каснувања од улични кучиња на територијата на СВР Битола, но досега нема пријави за лица дела лажирале напади и каснувања кои потоа би ги истражувале.

    Од Општина Битола велат дека ваквите сомнежи ги предочиле усно на средби со истражните органи од кои очекувале да постапат по допрен глас.

    „На повеќе координативни состаноци со СВР Битола и Агенцијата за храна и ветеринарство предочено им е дека потребно е да се постапи по допрен глас за случаите за кои постојат сомнежи, па понатаму надлежните да испитат дали се основани сомнежите“, велат од Општина Битола.

    И градоначалникот на Велес Марко Колев на седицата на Советот на 6 април јавно изрази сомнеж за постоење криминална мрежа за отштети од каснивања од улични кучиња.

    „Фактите кои ги имаме како локална власт се дека на овие листи на оштетени граѓани се цели фамилии, наши сограѓани, кои реагирале дека се каснати. Тоа не е можно. Не може една фамилија да има пет пријави, не може едно исто лице да биде каснато и во јануари и во февруари и во декември. Евидентно е дека име злоупотреба на каснувањато од бездомни кучиња и на тој начин се испумпуваат средства од општинскиот буџет. Свесен сум дека има и реални случаи, кои ги прифаќаме и ги исплатуваме штетите. Некои сограѓани ова го користат како извор за семејниот буџет, средства во висина од 50 до 150 илјади денари. Мојот апел до полицијата и до болницата беше сериозно да се посветат на овие случаи, оти има одредени лица кои постапуваат со други цели“, кажа тогаш Колев.

    Но, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес велат дека досега немаат добиено кривична пријава оти има граѓани кои организирано работат на испумпување на општинскиот буџет преку отштета за лажно каснување од кучиња.

    За период од 2020-2023, Општина Велес исплатила отштети во висина од 257.215 евра за каснување од кучиња.

    Минатата недела, на седница на Советот Колев кажа дека за ова имале со началникот на СВР Велес и Општата болница Велес, побарал засилена контрола врз секој поединечен случај со цел да се спречат можни злоупотреби и дека договореното се спроведува.

    „Се сликаат граѓаните каснати од кучиња, полицијата излегува на лице место, докторите не даваат паушално потврди што резултираше за зголемен број на случаи на граѓани каснати од куче, споредено со претходните години. Но состојбата е далеку од задоволителна“, кажа Колев.

    И Општина Кичево, рекордер според бројот на регистрирани напади од улични кучиња, каде годишно општината исплаќа и до 7 милиони денари (околу 115.000 евра) за обесштетување на луѓето што биле каснати од кучињата скитници, не поднела пријава до полицијата.

    Од полицијата во Кичево велат дека досега не е добиена пријава од правно или физичко лице, за лажна пријава за напад од куче скитник. Член на Комисијата за постапување по барања за надоместок на штета предизвикана од каснувања од бездомни кучиња на граѓани на подрачјето на Општина Кичево вели дека имале сомнежи, но не ги потврдиле.

    „Се посомневавме на два-три случаи, но при проверка на целокупната документација ветеринарниот лекар констатира дека раните наликуваат на угриз од куче. Искрено, има шпекулации дека тоа се случува, но ние работиме со докази, документи и медицински и од полиција, ветеринарниот лекар дава потврда дека лицето е каснато од куче и тука нема место за сомнеж. Веруваме на болницата, полицијата и она што го гледаме на слика и сето тоа го потврдува ветеринарен лекар“, вели членот на Комисијата.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира