Целокупниот доказен материјал и заклучоците од Влада за случајот од септември минатата година кога радарите на Контрола на летање останале без слика се предадени на Основното јавно обвинителство. Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски на денешната прес-конференција рече дека дополнителни податоци за инцидентот не може да даде бидејќи станува збор класифицирани информации.
„Има безбедносни протоколи кои пропишуваат кои информации можат да одат во јавност. Комитетот за воздухопловни несреќи водеше истрага и откако донесе заклучоци тие беа разгледувани на Влада. За да не се наруши истражната постапка која ја води Обвинителство нема да даваме повеќе информации. Граѓаните можат да бидат смирени оти сите пропусти се надминати“, рече Рашковски.
Рашковски потврди дека заради инцидентот кој се случил ноќта меѓу 19 и 20 септември лани, разрешен е Климент Чепуњовски кој бил директор на техника во М-НАВ.
Генералниот секретар Рашковски на денешната прес-конференција го објаснуваше процесот за спроведување на тендерот за набавка на системот за управување со воздушниот простор (АТВ систем), откако беше објавена аудио-снимка за негови наводни незаконски влијанија на местење тендер на италијанската компанија „Леонардо“. Тој кажа дека постапката е почната во 2014, а дека изборот на компанијата „Леонардо“ го извршил поранешниот директор на М-НАВ Живко Поповски.
„Таткото на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Поповски, Живко Поповски е тој кој го направил изборот и за тоа добил одобрување од Европската банка за обнова и развој преку која се водела постапката. Врз основа на тој избор во декември 2018 година е склучен договорот. Ревизија е направена откако дојде оваа Влада на проектот за зградата, за чија изградба се предвидувале 1,8 милиони евра. По направеното вештачење е констатирано дека таа цена е соодветна“, рече Рашковски.
Тој најави тужби за порталите, новинарите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ја објавиле аудиоснимката, се извини доколку некого навредил во разговорот, но рече нема да си поднесе оставка.
А. АНТЕВСКА