ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО УТВРДУВА ИДЕНТИТЕТОТ НА ЛИЦАТА ОД ЧИИ ПРОФИЛИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ БИЛЕ ОБЈАВЕНИ ЗАКАНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО УТВРДУВА ИДЕНТИТЕТОТ НА ЛИЦАТА ОД ЧИИ ПРОФИЛИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ БИЛЕ ОБЈАВЕНИ ЗАКАНИ ЗА ФУНКЦИОНЕРИПолицајци и цивили беа повредени за време на синоќешниот протест пред Собранието во Скопје по потпишувањето договорот со Грција за конечно решавање на спорот за името во Преспа. Од МВР велат дека употребиле солзавец на протестот со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието и дека се приведени 25 лица кои учествувале во нередите. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ја задолжило полицијата да го утврди идентитетот на лицата од чии профили на социјалните мрежи вчера биле објавени заканувачки пораки и слики за носители на јавни функции и други службени лица. Полиција е задолжена од Скопското обвинителство да обезбеди релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста.

    „Основното јавно обвинителство Скопје исто така беше известено и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица. Министерството за внатрешни работи доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

    Скопското обвинителство му даде насока на МВР и да обезбеди на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување за време на синоќешниот протест пред Собранието.

    „Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи“, велат од Скопското обвинителство.

    Од ОЈО Скопје велат дека вчера биле лишени од слобода 26 лица, од кои пет малолетници, а по утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода.

    За време на протестот поради потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името со Грција се повредени десет полициски службеници од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди, како и седум граѓани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира