Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ја прекина работата на 79-та седница која има 33 точки за расправа, со образложение дека нема услови да се одлучува за прашањата. Како што јави државната агенција МИА, во пленарната сала присуствуваа само 53 пратеници, од потпишани 85.
Тие 32 пратеника што го изнервираа Џафери, штом се потпишале, денеска ќе имаат право на патни трошоци.
Џафери ги повика претседателите на партиите од парламентарното мнозинство во 13 часот да се состанат кај него во Кабинет и да се договорат како ќе продолжат со работа со оваа институција. Во моментов никој не крева телефон, веројатно се на состанок кај него.
„Поради фактот дека пратениците се потпишаа и одлучија да не влезат во Салата, Собранието нема услови да може да одлучува за прашањата за кои треба да се одлучува на почетокот на седницата. Ова јасно ни кажува за пратениците и за ставот кој го имаат. Некои мислат дека ова е нивен имот и со нивниот имот можат да се однесуваат како сакаат, но ова не е наш имот како пратеници“, ја пренесе МИА изјавата на Џафери. Тој ги повикал двајцата претседатели на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои биле присутни во Собранието, да одлучат како ќе дејствуваат понатака.
Според него би било коректно тие кои не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата на оваа институција, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието.
„Ако тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да функционира без разлика дали му се допаѓа тоа некому или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Јас друг излез немам освен да ја прекинам седницата, а ако некој мисли дека седница ќе биде закажана со уцени и ултиматуми, е грешка. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака, рече Џафери, потенцирајќи дека „ова не може да се толерира“.
За продолжението на оваа седница, претседателот на Собранието рече дека дополнително ќе извести.