Затекнатите 97 градежни работници со непријавен престој во Република Северна Македонија кои полицијата пред една недела ги најде зад високата лимена ограда на градилиштето на турската фирма „Лимак“, зад „Рамстор“, биле 94-ца од Турција и тројца од Албанија.
Дел од нив Судот за прекршоци ги протерал, дел доброволно си заминале, а за дел уште не била завршена постапката, дознава неофицијално САКАМДАКАЖАМ.МК. До Обвинителството МВР ја пријави оваа, но и уште 15-фирми подизведувачи за ангажирањето на градилиште, на странски државјани со нерегулиран престој.
Не се знае како во толкава бројка влегле од Турција во Македонија за да му работат на „Лимак“ на диво, без оваа фирма да ги регулира давачките за нив. Не се знае ни како успеале да останат со истечени документи без никој да ги забележи, се до упадот на полицијата на 23 јануари.
МВР првично кажа тој ден откри 50-ина работници со нерегулиран престој. Но набргу потоа, како што навлегувала во внатрешноста на градилиштето на турската фирма кое се наоѓа зад трговскиот центар Рамстор, откриваше уште странци кои на диво извршувале градежни работи, па бројката скокна на вкупно 97 такви работници.
С. К. ДЕЛЕВСКА