Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед, рече премиерот Џоран Заев вечерва во Прилеп на почетокот на одбележувањето на 80-годинината од 11 Октомври – Денот на народното востание, почетокот на Народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава.
„Ние денеска длабоко се поклонуваме пред овој историски чин. На овој ден 16-мина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот. Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини. Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи. Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници. Ете, тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: Силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава. Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја преку победата над фашизмот. Заедничката победа на прогресивните народи на Европа и Светот“, рече Заев и потсети дека Втората светска војна на нашата територија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви.
Свеченостите по повод 11 Октомври продолжуваат и утре во Прилеп, каде на Могилата на непобедените ќе говори претседателот Стево Пендаровски.
Во Скопје утре во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел ќе говорат градоначалникот Петре Шилегов и првиот вицепремиер Артан Груби.