ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ПОЧИНА 10-МЕСЕЧНО БЕБЕ

    ОД МАЛИ СИПАНИЦИ ПОЧИНА 10-МЕСЕЧНО БЕБЕНа Клиниката за детски болести детето две и пол недели се лекувало од компликации од мали сипаници, со масивна бронхопневмонија (Фото: СДК.МК)

    Десетмесечно бебе вчера почина на Клиниката за детски болести, како компликација од мали сипаници. Директорката д-р Катерина Ставриќ вели дека на Клиниката детето две и пол недели се лекувало од компликации од мали сипаници, со масивна бронхопневмонија.

    „Почина доенче на 10 и пол месеци, кое претходно е лекувано на Клиниката за инфективни болести и по влошување на состојбата го препратија кај нас. За цело време беше на респиратор. Во моментов, на Клиниката се лекуваат 9 деца“, вели д-р Ставриќ.

    На Клиниката за инфективни болести од мали сипаници се лекуваат 39 пациенти од кои 16 деца и 23 возрасни, пет возрасни пациенти и едно дете се во потешка состојба.

    Епидемиологот д-р Владимир Микиќ, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, вели дека бројот на заболени и изминатата недела е над 100 лица, од кои повеќе од половината се надвор од Скопје. Тој кажа дека повеќе од половината се деца до 4-годишна возраст, а дека досега од морбили заболеле 920 деца до една година.

    „Затоа ја намаливме и возрасната граница за вакцинирање, затоа што најмногу заболуваат оние што по редовниот календар не подлежат на имунизација. Од почетокот на епидемијата досега, вакцинирани се 22.930 деца, од кои 13.375 во Скопје и 9.755 надвор од Скопје. Невакцинирани се уште околу 19.000 деца, од кои 2.900 во Скопје и 16.000 надвор од Скопје“, рече д-р Микиќ.

    Тој кажа дека нема друга ефикасна заштита од пренос на болеста освен вакцинацијата и затоа повторно апелираше сите невакцинирани да се вакцинираат, со оглед на тоа дека болеста брзо се шири, а компликаците од болеста се тешки.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира