На Клиниката за инфективни болести во последното деноноќие прегледани се 14 пациенти со мали сипаници, при што во болница примена е една 39-годишна жена од Гостивар, а останатите 13 болни се пуштени на домашно лекување.
„Од новопрегледаните пациенти 6 се деца на возраст од 1 до 2 години, кои биле невакцинирани, а останатите 7 се на возраст од о21 до 38 години. На клиниката во моментов се лекуваат 22 пациенти со морбили и сите се во стабилна здравствена состојба“, велат од Министерство за здравство.
Министерството за здравство повторно апелира до граѓаните да се вакцинираат со МРП вакцина, особено децата кои немаат примено ниту една доза од вакцината.
„Досега се вакцинирани над 5.600 лица. Станува збор за висок процент на лица, кои сериозно ги сфатиле препораките на Министерството за сериозноста на заболувањето, важноста за висок колективен имунитет со што се заштитени и лицата, кои од одредени медицински оправдани причини не можат да ја примат вакцината, особено бебињата и пациентите со висок здравствен ризик“, велат од Министерство за здравство.
Од Министерството препорачуваат родителите, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, децата да не ги носат во Клиниката, туку кај матичните лекари, и во дежурните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Букурешт“. Пунктовите работат 24 часа и вршат комплетни прегледи со лабораторија, а ако е потребно ќе се упатуваат на Клиниката за инфективни болести.
„Најголем број заболени од морбили досега се деца, затоа останува на сила забраната за посета на градинките од деца, кои не се вакцинирани со МРП вакцината. Задолжително сите деца од училишна возраст да се вакцинираат, ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, да се намали фреквенцијата на пациенти на Клиниката за детски болести, поради опасност од ширење на оваа многу сериозна болест. Болеста, од заразено лице на друго лице може да се пренесе со кашлање, кивање и по капков пат. Уште еднаш напоменуваме дека станува збор за многу сериозно заболување кое понекогаш, за жал, покрај здравствени компликации може да заврши со смртен исход“, велат од Министерство за здравство
Од Министерството потенцираат дека вакцините се со добар рок на траење, од проверен европски производител и дека поседуваат два сертификата за квалитет.
„Вакцинирањето е здравствена култура, придобивка на современата медицина, безбедна за употреба, е единствен начин да се спречи епидемија и да се заштити здравјето и животот на луѓето“, велат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека вчера добиле допис од Министерството за внатрешни работи за документите кои се потребни за истрагата што ја води Основното јавно обвинителство по допрен глас за погрешните лепенки на вакцините за МРП (морбили, рубеола, паротит), кои Агенцијата за лекови и медицински помагала ги најде во вакциналните пунктови низ земјата. Тој кажа дека засега нема да презема санкции кон вработените во здравствените домово каде беа најдени овие вакцини.
„Имав конкретни разговори со сите директори на здравствените домови и за тоа чекаме да преземе чекори кога ќе заврши процесот во Основното јавно обвинителство“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА