ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ПОЧНЕ ОСПОСОБУВАЊЕТО НА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ПРИЕМ НА РЕДОВНИ ПАЦИЕНТИ, ОСВЕН КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р ЦИРИВИРИ, НАЧАЛНИК НА ХИРУРШКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА

    ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ ПОЧНЕ ОСПОСОБУВАЊЕТО НА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ПРИЕМ НА РЕДОВНИ ПАЦИЕНТИ, ОСВЕН КОВИД-19, ВЕЛИ Д-Р ЦИРИВИРИ, НАЧАЛНИК НА ХИРУРШКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈАБолницата „8 Септември“ што од почетокот на коронакризата беше претворена во ковид-центар во кој требаше да се примаат само оние ковид-болни кои имаат потреба од хируршка или друга интервенција, всушност, никогаш не заживеа во таа функција. Таа се претвори во тријажен центар и голема инфективна болница во која се лекуваат најтешките ковид-случаи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ од идната недела ќе го редуцира бројот на прием на пациенти со коронавирус и ќе почне да се подготвува за отворање на болницата и редовна работа со пациенти, но за целосно отворање ќе ни требаат десетина дена, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК началникот на  Хируршките одделенија во Болницата, доцент д-р Јасмин Циривири.

    „Мора прво Министерството за здравство да заврши со подготовка на монтажните објекти и нас да нѐ растерети. Ние разговаравме со директорот, од 27 јули да почнеме да ја формираме таа Зелена база, за да биде безбедна за прием и понатамошен третман на пациентите кои не се заразени со ковид-19 и кои чекаат за редовни операции“, вели д-р Циривири.

    Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека од идната недела ќе се намали приемот на заболени од КОВИД-19  во „8 Септември“, со цел болницата постепено да се враќа во нормала за да не се создаваат долги листи на чекање за прегледи и хируршки интервенции.

    „Пред десетина дена имав многу конструктивна средба со претставници на синдикатот од „8 Септември“ на која се договоривме постепено да го ослободуваме делот од болницата кој треба да е целосно чист за прием на редовни пациенти. Инфективното одделение во кое ќе се третираат заболените од КОВИД-19 ќе биде сосема физички одвоено од останатиот дел на болницата и неговата работа целосно ќе се координира со Инфективната клиника“, изјави Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Началникот  на хируршките одделенија Циривири информира дека во болницата се подготвува протокол за прием на редовните пациенти, во кој меѓудругото е наведено дека во амбулантите, кои сега не работат, термините ќе се закажуваат на подолг временски интервал, а ќе се намали и бројот на кревети во една соба, затоа што, потенцира докторот, „најважна е безбедноста и заштитата на пациентите“.

    Министерот за здравство Венко Филипче ја најави и подготовката на 16 монтажни болници ширум земјата за очекуваниот есенски бран во однос на инфраструктурата, медицинската опрема, лабораториите и кадарот.

    „Подготвен е планот за надградување на капацитетите на болниците за есенските месеци. На почеток на август ќе ги почнеме и тие процеси, а тоа значи дека секоја од 16-те болници ќе добие монтажна амбуланта и мини одделение, каде ќе бидат сместени тие пациенти за целосно физички да се одделат пациентите болни од ковид-19 и евентуално и други инфективни заболувања од останатите пациенти од постојните болници за да можат тие објекти нормално да функционираат“ , изјави Филипче.

    Пред коронакризата, „8 Септември“ работеше со капацитет од 4.000 операции годишно, а некои од нив, особено ортопедските, се изведуваат исклучиво во оваа болница. Само на одделението за ортопедија месечно се закажуваат околу 120 операци.

    Д-р Циривири на 23 јуни за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека  на хируршките одделенија е огромна листата на пациенти кои имаат потреба од некои хируршки интервенции кои беа одложувани овие месеци, а некои од овие интервенции, особено на малигни заболувања, веќе не се во состојба за одложување. Исто така, има и голем број дијагностички и интервентни процедури кои се работат во болницата, а во моментот се стопирани поради опасноста од ширење на инфекцијата кај овие пациенти кај кои со сигурност би имало смртен исход ако се разболат од коронавирус.

    Болницата „8 Септември“, која од почетокот на коронакризата беше претворена во ковид-центар во кој требаше да се примаат само оние ковид-болни кои имаат потреба од хируршка или друга интервенција, всушност, никогаш не заживеа во таа функција. Таа се претвори во тријажен центар и голема инфективна болница во која се лекуваат најтешките ковид-случаи, а на Инфективната клиника остануваат среднотешките или лесните случаи. Нагло почна да се зголемува бројот на пациенти кои се суспектни или заболени од ковид-19, поради што мораше да се ослободуваат кревети од стационарниот дел, особено за пациенти кои имаат потреба од интензивен третман. Целокупниот персонал во болницата, особено средномедицинскиот, е комплетно ангажиран во лекувањето на пациентите од ковид-19, а во болницата има само 3 инфектолози и 11 анестезиолози.

    Во „8 Септември“, според последните податоци на Министерството за здравство се хоспитализирани 91 пациент со КОВИД-19. На респираторна машина се 6 пациенти.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира