1.500 НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, СЕ ОПЕРИРААТ САМО КОВИД ПОЗИТИВНИ

    1.500 НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“, СЕ ОПЕРИРААТ САМО КОВИД ПОЗИТИВНИ„Ортопедското одделение во „8 Септември“ е и центар за едукација на ортопеди и медицински сестри-инструментарки од областа на хирургија на колено од поширокиот простор на Балканот, но сега не се во функција салите за операција, а пациентите со закажани операции не знаат уште колку ќе чекаат. Д-р Зоран Несторовски, шеф на одделот за ортопедија и трауматологија во „8 Септември“ при отварањето на новото одделение за трауматологија во септември 2018 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Одделението за ортопедија и трауматологија во болницата „8 Септември“ во Скопје од почетокот на епидемијата на КОВИД-19  беше пренаменето за прием на пациенти позитивни или високо сомнителни на КОВИД-19 и од тој момент сите закажани операции се стопирани. Кај 14 специјалисти ортопеди во болницата на листа на чекање се веќе 1.500 пациенти, затоа што во изминативе четири месеци тие немаат реализирано ниту една однапред закажана интервенција. Листата на чекање само се зголемува.

    Во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Зоран Несторовски, раководител на Одделението за ортопедија и трауматологија во „8 Септември“, предупредува дека ненавременото лекување и третман резултираат со компликации.

    „За тековната 2020 година, планирани беа 1.500 оперативни интервенции. Така и започна годината: Во јануари и во февруари имавме по 120 интервенции. Но, со почетокот на епидемијата и изборот на нашата установа за КОВИД-болница, целокупниот план и сите закажани интервенции, како и во другите установи во земјава, се стопираа. До овој момент целиот тим од 14 ортопеди нема реализирано ниту една елективна интервенција во изминативе 4 месеци. Тоа значи дека листата на чекање останува иста, односно постојано се зголемува бидејќи сите останати болести, не само КОВИД-19 инфекцијата, и понатаму си постојат. Не само што постојат, туку со ненавремено лекување и третман резултираат со компликации со кои што со одложен третман дури и најискусните хирурзи не можат понекогаш да се справат“, вели д-р Несторовски.

    „На тие пациенти мора да им се најде решение бидејќи некои веќе ионака чекаат цела година за операција. Ако не работи „8 Септември“ ќе мора да си платат во приватните болници, или треба да се префрлат на листи на чекање во друга болница во јавното здравство, ама и тие болници веќе си имаат свои листи со други пациенти кои чекаат интервенција“, вели д-р Несторовски.

    Тој е дополнително загрижен и дека поради околностите и неизвесноста што ќе се случува со „8 Септември“ во иднина, многу од колегите професионалци од одредена област од ортопедијата, веќе најавиле префрлање во други болници. „Тоа е кадар што со години сме го граделе и ако тие хирурзи си заминат од „8 Септември“ тоа ќе значи осакатување на само на болницата, туку и на квалитетот на јавните здравствени услуги во државата“, вели д-р Несторовски, раководител на одделот за ортопедија и трауматологија во болницата.

    Тој вели дека по пренамената на целата болница во КОВИД-центар во одделението со кое тој раководи се работи во сосема поинакви услови од нормалните. Благодарение на професионалноста на целокупниот персонал во оперативниот блок и стационарот, вели тој, во изминативе четири месеци беа успешно оперирани и излекувани дваесетина пациенти со скршеници кои имаа докажана КОВИД-19 инфекција. Одреден број пациенти по приемот и добивање негативен брис биле препратени во другите хируршки установи во Скопје, најмногу во ЈЗУ „Св. Климент Охридски“ и ТОАРИЛУЦ, со кои што, според него, имале добра професионална соработка.

    Д-р Несторовски очекува со нормализирање на работата на останатите хируршки установи да се врати и нормалниот тек на работите во неговиот оддел и болницата.

    „Нормалниот тек може да се врати доколку сите здравствени установи во земјава ја прифатат таканаречена ‘нова реалност’ , која што ние, за жал, моравме да ја прифатиме од самиот старт на епидемијата. А новата реалност, барем за нас хирурзите е дека помеѓу големиот број пациенти негативни на КОВИД-19 со скршеница или дегенеративна болест, сигурно ќе има и многу мал процент на позитивни кои ќе треба оперативно да се решат. Не постои посебна специјализација за хируршки третман на овие болни по што одредена група хирурзи би се издвојувала од другите, туку само прифаќање на одреден протокол при работа. Тоа во основа овозможува стерилност во оперативното поле, а од друга страна оневозможува ширење на инфекцијата во околината“, објаснува д-р Несторовски.

    Одделението за ортопедија и трауматологија во болницата „8 Септември“ има капацитет од 30 кревети, но располага и со современ сопствен оперативен блок со две операциони сали и стручно едуциран медицински персонал предводен од 14 специјалисти ортопеди и 3 специјализанти. Но, во моментов двете хируршки сали и одделението за ортопедија не се во употреба.

    Д-р Несторовски вели дека минатата година, и покрај големиот проблеми со недостиг на анестезиолози, ја завршиле со околу 1.200 ортопедско-трауматолошки операции, а нешто повеќе од половина од тие биле планирани оперативни зафати, како примарни ендопротези на колк, колено, рамо, ревизија на претходно изведени оперативни интервенции и операции на р’бетен столб.

    „Десетина години наназад работевме на усовршување на артроскопски интервенции од областа на колено и рамен зглоб, а врвот беше достигнат со отворањето на Центарот за спортски трауматизам, единствена специјализирана амбуланта во земјава наменета за брз преглед, прием и оперативен третман на спортисти од земјава и странство. Оваа година требаше да биде направена и 1.000-та реконструкција на преден вкрстен лигамент на колено во нашата установа, интервенција со која што ортопедското одделение на „8 Септември“ е познато во околните земји и поширокиот регион. Од пред неколку години рутински се работаат и тотални ендопротези на рамен зглоб, интервенција со која што ретко која установа може да се пофали“, вели тој.

    Ортопедското одделение во „8 Септември“ со својот посебен оперативен блок од минатата година е и центар за едукација на ортопеди и медицински сестри-инструментарки од областа на хирургија на колено од поширокиот простор на Балканот. Д-р Несторовски вели дека во „8 Септември“ биле реализирани едукации на колеги од клиничките центри од Загреб, Белград и Нови Сад.

    „Со помош од екипа на одделението од „8 Септември“, Клиничкиот центар Војводина во Нови Сад започна со нова процедура од областа на колено – уникодиларна протеза, интервенција која што рутински се работи кај нас веќе две години“, вели д-р Несторовски и жали дека пациентите од Македонија поради тоа што болницата 4 месеци не прима редовни пациенти, не можат да добијат врвни услуги од областа на ортопедијата.

    На почетокот на епидемијата  не беше предвидено „8 Септември“ да биде наменета само за пациенти со КОВИД-19.  Но, потоа беше одлучено да стане КОВИД-центар каде ќе се примаат пациенти, кои се докажано позитивни на коронавирус, а на кои им е треба некаква хируршка интервенција. Но оттогаш ни редовни пациенти или пациенти кои имаат потреба од операција, а немаат коронавирус не се примаат во болницата. Целата болница со сите одделенија целосно е претворена исклучиво во инфективна болница. Сите десетина матични анестезиолози се ангажирани на Одделот за интензивна нега, па и поради нивната презафатеност и премор, редовните хируршки интервенции се целосно стопирани.

    Според вчерашната статистика на Министерството за здравство, во „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 136 пациенти заболени од КОВИД-19, а на респираторна машина се 11-мина.

    Директорот на болницата Христијан Костов минатата недела за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека не се согласува оти болницата е жртвувана, а пациентите се лишени од услуга на врвни доктори. Тоа го тврди поранешниот долгогодишен директор Сашо Стојчев. Костов вели дека во болницата, како главен КОВИД-центар во земјава се примаат пациенти со најтешка клиничка слика.

    „Не сакам ни да помислам што ќе се случеше да не ги примавме пациентите со најтешка слика. Ако не беше така, огромен ќе беше бројот на починати од коронавирус“, изјави директорот Костов.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари