ПЕТ ДЕНА, ПЕТ ПАТИ ЈА ШЕТАЛЕ СО СКРШЕН КОЛК И НЕГАТИВЕН ТЕСТ ЗА КОВИД-19 ОД КЛИНИЧКИ ДО „8 СЕПТЕМВРИ“, ПА СЕ ОПЕРИРАЛА НА ПРИВАТНА КЛИНИКА

    ПЕТ ДЕНА, ПЕТ ПАТИ ЈА ШЕТАЛЕ СО СКРШЕН КОЛК И НЕГАТИВЕН ТЕСТ ЗА КОВИД-19 ОД КЛИНИЧКИ ДО „8 СЕПТЕМВРИ“, ПА СЕ ОПЕРИРАЛА НА ПРИВАТНА КЛИНИКАОд 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, Градската општа болница „8 Септември“ практично функционира како инфективна клиника, a листите за операции од ден на ден стануваат подолги, бидејќи два месеца е сопрена редовната хируршка програма. (фото: Ѓ. Личовски)

    Жена на 85-годишна возраст, со скршеница на колкот и со негативен тест на коронавирус, пет дена, пет пати ја возеле на релација Клинички центар – Градската општа болница „8 Септември“. Не ја оперирале зашто имала температура нешто повискока од 37  степени Целзиусови, но без други симптоми на КОВИД-19. По петдневно малтретирање и стресови, семејството одлучило да ја земе пациентката и од „8 Септември“ ја однеле на операција во приватната клиника „Жан Митрев“, каде веднаш била згрижена и оперирана.

    Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција денеска кажа дека „ако има конкретна информација ќе ја провери со директорот на „8 Септември“.

    Според нашите информации, на 13 мај жената, со возило на Брза помош била донесена на клиничкиот Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) со повреда на лев колк со индикација за оперативен третман. Таа имала температура нешто над 37 степени Целзиусови, без други симптоми на КОВИД-19. Од таму е препратена во Градската општа болница „8 Септември“ која од 18 март е КОВИД центар. Таму е хоспитализирана како суспектна на КОВИД-19 и чекала операција.

    Земен ѝ е брис на 14 мај. Резултатот од тестот доаѓа на 15 мај и тој е негативен. Бидејќи интезивната нега на болницата е зафатена со болни од КОВИД-19, а и на болничките одделенија лежат пациенти кои се опоравуваат од компликации на коронавирусот, за да не ризикуваат да ја заразат жената требало да ја вратат на операција на Клиника.

    На 16 мај веќе тече четврти ден од повредата. Од  ТОАРИЛУЦ велат дека немаат место и пациентката останува хоспитализирана во „8 Септември“ уште една ноќ.  Другиот ден, на 17 мај, по претходен договор за транспорт од „8 Септември“ ја селат на Клиника. Таму ѝ мерат температура, таа пак има малку над 37 степени и со образложение дека „брисот е застарен“ (земен на 14 мај) ја враќаат во „8 Септември“. Истиот ден, на 17 мај таа повторно е транспортирана и хоспитализирана во „8 Септември“.

    Дека жената е непотребно тормозена поради благо покачената температура се согласуваат и лекари, кои велат дека поради повредата, болките, стресот и возраста на пациентката покачувањето во вакви случаи не е невообичаено. Особено што и надворешните температури се невообичаено високи за ова време од годината.

    Од болницата „8 Септември“ повторно го применуваат истиот протокол за прием на суспектни на КОВИД-19 и пациентката чека нов брис. На семејството му пука филмот и таа со скршен колк, овојпат во шести транспорт, шест дена откако паднала, е однесена на операција во приватна клиника, само стотина метри подалеку од државната болница.

    Од 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, Градската општа болница „8 Септември“ практично функционира како инфективна клиника, иако тамошното инфективно одделение со капацитет од 26 легла го опслужуваат само двајца инфектолози. Сите матични анестезиолози се префрлени на Одделот за интензивна нега за КОВИД-19. Поради тоа и редовните хируршки интервенции се речиси стопирани, бидејќи се прават операции само на тие што се позитивни на коронавирусот.  Анестезиолозите се вклучуваат само на операции во итни животозагрозувачки случаи кога нема време да се чека резултатот од тестирањето. Настрана што и одделенијата со болничките легла се зафатени со полесни случаи на КОВИД-19, или само суспектни на КОВИД-19, но не можат да бидат мешани со други пациенти за да се спречи дополнително ширење на заразата.

    Листите за операции од ден на ден стануваат подолги, бидејќи два месеца е сопрена редовната хируршка програма.

    Според последните информации од Институтот за јавно здравје, во „8 Септември“ се хоспитализирани 21 пациент со КОВИД-19, од кои на респиратор се 4, а со потешка клиничка слика се уште двајца. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се вкупно 43 пациенти, од кои двајца пациенти се на механичка вентилација.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК кога Инфективната клиника ќе ги преземе сите болни од КОВИД-19 кои сега се лекуваат во поранешната Воена болница, министерот Венко Филипче одговори:
    „Тој процес постепено се одвива. Една група  на пациенти беше префрлена на Инфективна клиника пред неколку дена. На Интензивната нега во „8 Септември“ која е за ковид пациенти, сѐ уште има пациенти кои се на респираторна машина, така што хируршки интервенции кои не можат да се одвиваат каде било на друго место, може да се прават на хируршките клиники“.

    Директорот на болницата Кристијан Костов минатата недела, изјави дека очекува многу скоро Инфективната клиника да ги преземе болните од КОВИД-19, а „8 Септември“ да се врати на нормалното работење со отварање на амбулантите и со враќање на редовните програми за операции, бидејќи листата на пациенти кои чекаат хируршка интервенција од ден на ден станува сѐ подолга.

     Б. НЕСТОРОСКА
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари