СЕ РАДУВАМЕ ДЕКА И ВТОР ПАЦИЕНТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ИЗВЛЕКОВМЕ ОД РЕСПИРАТОР, ВЕЛИ АНЕСТЕЗИОЛОГОТ МАЛИНОВСКА-НИКОЛОВСКА

    СЕ РАДУВАМЕ ДЕКА И ВТОР ПАЦИЕНТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ИЗВЛЕКОВМЕ ОД РЕСПИРАТОР, ВЕЛИ АНЕСТЕЗИОЛОГОТ МАЛИНОВСКА-НИКОЛОВСКАУспехот е тимска работа на лекарите и сестрите што се грижат за болните од КОВИД-19 - Д-р Мите Николов, раководител на Одделот за анестезија и реанимација, д-р Патриција Каламарас, шефица на Одделот за инфективни болести и асистент д-р анестезиолог Лилјана Малиновска-Николовска од Градската општа болница „8 Септември“ на прославата на Денот на Европа 9 Мај пред болницата. (Фото: К. Попов)

    Втор пациент заболен од КОВИД-19 се извлече од респираторна машина во Скопската градска општа болница „8 Септември“, соопштија од болницата. Тој е тетовец на 43 години. Претходно, на 4 мај, во истата болница од респираторна машина се опорави и маж на 37 години од Скопје.

    „Многу сме среќни, радосни и задоволни што имаме втор пациент кој се лекуваше од КОВИД-19 кој веќе не е на респираторна машина“, вели д-р Лилјана Малиновска-Николовска, анестезиолог од Градската општа болница „8 Септември“.

    Доктор Николовска беше главен иницијатор да се воведе озонска терапија за заболените пациенти со КОВИД-19 во нејзината матична болница.

    Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК таа инсистира дека опоравувањето на овој пациент, како третманот и на сите други што лежат на интензивната нега зависи исклучиво од тимска работа на анестезиолози, инфектолози, интернисти и медицински сестри.

    Пациентот бил примен на 6 мај во многу тешка состојба предизвикана од компликации на коронавирусот. Тој немал историја на други болести. На респираторна машина бил 12 дена.

    „Денес се разбуди, свесен е и веќе јадеше“, вели д-р Малиновска-Николовска.

    Пациентот бил лекуван со озонска терапија и со „тоцилизумаб“, и како што вели докторката, тој постојано бил одржуван во полусвесна состојба, и повремено ги отворал очите.

    „Знаете, тоа не е баш како на филм, да се разбуди и веднаш да почне да разговара. Во тоа е мајсторлукот на нашата работа, анестизиолози, интернисти, инфектолози, медицински сестри – ем пациентот да ја прима терапијата, ем да не биде во длабока седација“, објаснува докторката.

    Пациентот сѐ уште е на одделението за интензивна нега во старата Воена болница. Утре ќе му биде направен прв контролен тест. По два контролни негативни теста, тој ќе биде симнат на оделение каде нема пациенти со КОВИД-19, и како што вели д-р Малиновска-Николовска, се надеваат дека многу брзо ќе си замине дома.

    И кај овој заболен е применета сличната терапија како и кај 37 годишниот маж од Скопје, кој на 6 мај беше ослободен од респираторна машина и кој, како што ни кажаа од болницата веќе е на домашно лекување.  Шефицата на Одделот за инфективни болести д-р Патриција Каламарас тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека дала одобрување по приемот на пациентот во многу тешка состојба, да му се даде лекот „тоцилизумаб“, зашто по резултатите, тој ги исполнувал условите.

    „Можам да кажам дека навистина сум горда на првиот успех на ниво на нашата држава. Веќе чекаме анализи од други пациенти болни од КОВИД-19, за натамошна негова употреба за нивно лекување. Имаме можност да го аплицираме лекот и кај други пациенти, ако ги исполнуваат условите “, изјави д-р Каламарас за нашата редакција на 6 мај.

    Во ГОБ „8 Септември“ во изминатото деноноќие примени се 7 нови, а вкупно се хоспитализирани 20 пациенти. На респиратор се 6 пациенти, а со потешка клиничка слика се уште 2 пациенти.

    Болницата има капацитет од 400 легла.

    Болницата од 18 март функционира како КОВИД центар во кој се примаат заболени, или суспектни на коронавирусот. Во меѓувреме во болницата, во која патем работат само двајца инфектолози на одделение што има капацитет од 26 болнички легла, се примаа и заболени кои немаат други патологии, па таа практично во моментов функционира како паралелна инфективна клиника. Тоа веќе предизвикува сериозен застој во третирањето на пациенти кои немаа КОВИД-19, но поради зафатеноста на леглата не можат да бидат примени на редовно болничко лекување.

    Во составот на Комисијата за заразни болести што ја формираше министерот за здравство Венко Филипче нема ниту еден лекар од оваа болница.

    Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела изјави „деновиве интензивно работат да се ослободат капацитетите на болницата „8 Септември“ и болните од КОВИД-19 да се лекуваат на Инфективната клиника.

    Директорот на болницата Кристијан Костов, исто така минатата недела, изјави дека очекува многу скоро Инфективната клиника да ги преземе болните од КОВИД-19, а „8 Септември“ да се врати на нормалното работење со отварање на амбулантите и со враќање на редовните програми за операции, бидејќи листата на пациенти кои чекаат хируршка интервенција од ден на ден станува се подолга.

    Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја се 1.817, оздравени пациенти се 1.301, починати е 104, а активни случаи се 412.

    На Клиниката за инфективни болести и фебрилни хоспитализирани се вкупно 48 пациенти. Двајца пациенти се на механичка вентилација, 23 се потешко болни и на кислородна поддршка.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари