ОД УТРЕ НЕМА ДА СЕ ИЗДАВААТ ИЗВОДИ, ЌЕ ШТРАЈКУВА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ КОЈА ГОДИШНО ИЗДАВА НАД 20 ИЛЈАДИ ПОГРЕШНИ ДОКУМЕНТИ

    ОД УТРЕ НЕМА ДА СЕ ИЗДАВААТ ИЗВОДИ, ЌЕ ШТРАЈКУВА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ МАТИЧНИ КНИГИ КОЈА ГОДИШНО ИЗДАВА НАД 20 ИЛЈАДИ ПОГРЕШНИ ДОКУМЕНТИКако што велат од Независниот синдикат за водење на матични книги се решиле за штрајк оти никој не го вреднува нивниот труд. - Подрачна канцеларија во Кисела Вода (Фото: К.Попов)

    Утре на штрајк ќе излезат вработените во Управата за водење на матични книги. Шалтерите за поднесување барање за издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани, умрени нема да работат додека не им се покачат платите. Штрајкот ќе започне од 8 часот наутро.

    Како што велат од Независниот синдикат за водење на матични книги се решиле за штрајк оти никој не го вреднува нивниот труд.

    „Во недостаток на социјален дијалог ова е единствениот пат за достоинствено вреднување на нашиот труд. Бараме да се покачат платите и да се донесе колективен договор за вработените“, велат од Синдикатот за водење на матични книги.

    Управата за водење на матични книги е една од институциите за кои граѓаните имаат најмногу поплаки. Освен што не можат со денови или месеци да добијат извод, со саати се чека по шалтерите и постојано се издаваат изводи со неточни податоци поради грешка на вработените.

    Од денеска на штрајк од 16 до 17 часот пред Собранието и Владата излегува и администрацијата. Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) велат дека бараат усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата.

    Синдикатот бара зголемува на бодот на 103 денари во бруто износ со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18 200 денари и би се задржал распонот меѓу останатите плати. Не се согласуваат со Предлог-измените на Законот за административни службеници со кој, според нив, зголемувањето на платите би било од 100 до 200 денари.

    Последниот извештај на Државниот завод за ревизија утврди многу неправилности во работењето на Управата за водење матични книги. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира