ОДБРАНАТА НА ГРУЕВСКИ ПОБАРА НОВО ИЗЗЕМАЊЕ, СЕГА НА СУДИЈКАТА ИЗВЕСТИТЕЛ МИЛЕВА ПОРАДИ ПРИСТРАСНОСТ

    ОДБРАНАТА НА ГРУЕВСКИ ПОБАРА НОВО ИЗЗЕМАЊЕ, СЕГА НА СУДИЈКАТА ИЗВЕСТИТЕЛ МИЛЕВА ПОРАДИ ПРИСТРАСНОСТПрвото барање на одбраната на Груевски за изземање беше одбиено, но веќе имаа подготвено ново (Фото: Ѓ. Личовски)

    Одбиени се барањата на адвокатите на обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски за изземање на Судечкиот совет и на в.д. претседателот и на заменикот претседател на Апелациониот суд, во јавната расправа за жалбите за нивните пресуди. Обвинетиот експремиер Никола Груевски во случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот мерцедес од 600.000 евра по негова желба од пари на МВР, доби затворска казна од две години, а на Апелација на јавна седница се разгледува неговата и жалбата на началникот на МВР Ѓоко Поповски, осуден на 9 години затвор. Веднаш по почетокот на продолжението на јавната расправа во случајот „Тенк“, адвокатот Стерјо Зиков, во име на адвокатите на Груевски, побара изземање на судијката известител Тања Милева поради пристрасност. Тој кажа дека веќе има подготвено писмено барање за тоа, што ја изненади претседателката на Судечкиот совет, Цветанка Периќ.

    Во образложението на барањето, Зиков рече дека Милева е избрана за судија во времето кога СДСМ формираше влада и кога Специјалното јавно обвинителство покрена повеќе обвиненија, меѓу кои и за она на кое има жалба. Зиков кажа дека Милева е сопруга на Игор Милев, кој беше предложен за кандидат за градоначалник на Радовиш од редовите на СДСМ и член на ДИК, а сега е советник на директорот на Царинската управа.

    „Барам да се смета дека Милева е оштетена и поради тоа не може да биде судија известител во овој предмет и бараме нејзино изземање“, изјави Зиков.

    Цветанка Периќ му рече на Зиков дека не ги разбира овие негови наводи.

    „Во претходното барање имавте наведено друга основа за изземање и на кој начин сметате дека Милева е оштетена“, кажа таа.

    Јавната седница е прекината на половина час, за да се одлучи по новото барање на адвокатите на Груевски за изземање.

    Ако Советот за организиран криминал при Апелациониот суд ја намали, зголеми или потврди затворската казна, Груевски треба да оди в затвор. Ако ја врати на повторно судење, тој ќе се спаси од затворската пресуда за ова обвинение засекогаш, бидејќи предметот со тоа кривично дело застарува на 31 октомври 2018.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира