ОДЗЕМЕНИ ПАСОШИТЕ НА РЕМЕНСКИ И НА ТАТКО МУ НА БОКИ 13, ОСОМНИЧЕНИ ВО „РЕКЕТ“

    ОДЗЕМЕНИ ПАСОШИТЕ НА РЕМЕНСКИ И НА ТАТКО МУ НА БОКИ 13, ОСОМНИЧЕНИ ВО „РЕКЕТ“Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски денеска откако даде исказ во судот изјави дека не се чувствува виновна за случувањата во Меѓународниот сојуз, каде што беше почесна претседателка. (Фото: К. Попов)

    Одземен е пасошот на потпретседателката на Собранието Форсина Ташевска-Ременски, осомничена во новата истрага „Рекет“ за малверзации со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13. Основниот кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост на Ременски и на таткото на Боки 13, Миле Јовановски. Покрај тоа што им се одземени пасошите, двајцата треба еднаш неделно да се јавуваат во судот и да не го напуштат Скопје.

    На асистенката на Јасна Мандиќ, заменичката на Боки 13 во Меѓународниот сојуз, одредена е мерка само за Привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница.

    „Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф. Т. Р. и М. Ј. им определи мерки Забрана зе напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница“, соопштија од Основниот кривичен суд.

    Ременски денеска откако даде исказ во судот изјави дека не се чувствува виновна за случувањата во Меѓународниот сојуз, каде што беше почесена претседателка.

    Судот вчера ѝ одреди куќен притвор на уапсената потпретседателка на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ поради опасност од бегство, уништување на докази, влијание врз сведоци и други основи.  Мандиќ  се товари за измама и перење пари во износ од засега утврдени милион евра, кои првоосомничениот Боки 13 ги зел со измама од двајца бизнисмени, наведувајќи ги дека ќе ги инвестира во нивна корист за изградба на домови за стари лица.

    Вчера, шефицата на Обвинителството за органзиран криминал и корупција Вилма Русковска издаде наредба за отворање истрага  за измама, перење пари и помагање во овие кривични дела против Бојан Јовановски-Боки 13 кој е веќе во притвор за рекет врз Орце Камчев, против татко му Миле Јовановски, Јасна Мандиќ и нејзината асистентка, како и против потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ташевска-Ременски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира