ОРБАН ПОМИНА ТРИ ЧАСА СО ГРУЕВСКИ ВО ОХРИД

    ОРБАН ПОМИНА ТРИ ЧАСА СО ГРУЕВСКИ ВО ОХРИДПартиските лидери Никола Груевски и Виктор Орбан на тераса на охридскиот хотел каде што се одржа средбата. (Фото: Д.Чубриќ)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска во Охрид имаше работна средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопшти партијата. Орбан во Македонија допатува како лидер на партијата Фидес, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во фамилијата Европски народни партии и се задржа три часа. Слета на Охридскиот аеродром околу 13 часот, а си замина неколку минути пред 16 часот со приватен авион Цесна Ц650 Ситејшн. На аеродроот го пречека Никола Тодоров, поранешен министер за здравство во владата на Груевски.

    По средбата, Груевски и Орбан, на кои им се придружи и лидерот на словенечката опозиција Јанез Јанша, имаа заедничка прес-конференција. Зад нив, стоеја и дел од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ  за градоначалници.

    „Многу ни е драго што и господинот Груевски по претходните парламентарни избори реши да остане, од позиција на опозиција да и служи на сопствената татковина и јас можам само да му честитам за тоа и му посакувам многу успеси“, изјави Орбан и додаде дека иако не може да се меша во изборна кампања во Македонија, сака да им порача на граѓаните на Република Македонија, дека „таа е една многу важна држава и затоа изборите тука се воедно и европски избори“.

    Груевски и Орбан претходно последен пат се сретнаа во Будимпешта на 8 јуни, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на средба на десничарските партии од Балканот организирана од унгарскиот премиер. Тогаш беше договорено следната таква средба да се одржи во октомври. Груевски, кој остана без патни исправи во јули како обвинет во случајот на СЈО „Титаник“, бараше од Основниот суд Скопје 1 да му се врати пасошот и во барањето навел дека пасошот му треба за службени патувања, надвор од земјата.  Судот вчера го одби барањето на Груевски за укинување на мерките на претпазливост, вклучувајќи ги и одземените патни исправи, со образложение дека е неосновано.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира