ОРЦЕ КАМЧЕВ ДА БИДЕ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП, БАРА ВЛАДАТА НА БОРИСОВ ОДОБРЕНИЕ ОД ВЛАДАТА НА ЗАЕВ

    ОРЦЕ КАМЧЕВ ДА БИДЕ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ СО СЕДИШТЕ ВО ШТИП, БАРА ВЛАДАТА НА БОРИСОВ ОДОБРЕНИЕ ОД ВЛАДАТА НА ЗАЕВСпоред процедурата, барањето се разгледува во МНР, потоа се бараат мислења од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство при Владата. Конечната одлука ја носи Владата. - Факсимил од Вербалната нота (Фото: СДК.МК)

    Амбасадата на Република Бугарија во Македонија испратила вербална нота во која бара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува  бизнисменот Јордан Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија со седиште во Штип.

    Вербалната нота од Бугарската амбасада во Скопје била испратена  на 13 април, а во  Министерството за надворешни работи била заверена во архива на 17 април.

    Од македонското Министерство  за надворешни работи потврдија дека добиле вербална нота од Бугарија во која го предлагаат за нивен почесен конзул во Македонија бизнисменот Јордан Камчев и пристигнало и  барањето за егзекватура (согласност на влада и дозвола што му се издава на странски конзул за вршење на конзуларни работи на определена територија во државата во која престојува).

    Во вербалната нота на Амбасадата на Република Бугарија, до која дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, се вели:

    „Амбaсадата на Република Бугарија има чест да побара од Министерството за надворешни работи и од Директоратот за дипломатски протокол, согласност за отворање на почесен конзулат на Република Бугарија во Штип, а ги опфаќа градовите Штип, Кочани, Делчево, Зрновци, Карбинци, Македонска Каменица, Пехчево, Берово, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Виница, и Радовиш.  Амбасадата има чест да ве информира дека г-динот Јордан Камчев е  номиниран за функцијата почесен конзул на Република Бугарија  со седиште во Штип“.

    Според процедурата, барањето се разгледува во МНР, потоа се бараат мислења од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство при Владата. Кога ќе се комплетира документацијата, министерот за надворешни работи го предлага кандидатот на странската земја до Владата и ако тој или таа добие одобрение, министерот за надворешни му издава егзекватура.

    Во вербалната нота на Бугарската амбасада во Скопје покрај барањето за именување на Камчев за почесен конзул, приложена е и негова биографија.

    Според биографијата приложена во МНР, бизнисменот Јордан Камчев, е сопственик и акционер во повеќе компании:

    • КБ Аџибадем Систина
    • Аџибадем Сити Клиник во Бугарија
    • ЗК Пелагонија
    • Пелагонија Енерџи
    • Стопанска банка Битола
    • Жито Полог а.д. Тетово
    • Млекара Здравје Радово
    • Систина Нефроплус
    • Бетон-Штип а.д. Штип
    • Хотел Мериот
    • Хотел Ибис
    • Монт
    • Кара АД

    Наведено е и дека зборува одлично македонски, англиски, бугарски, српско-хрватски и го владее германскиот јазик.

    Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која е предмет на истрага на СЈО како најголемиот донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.

    Неговото име беше поврзувано и со оф-шор фирмата „Ексико“, една од најуспешните компании во земјава со непознат сопственик, која беше регистрирана на иста адреса во Олбани, САД со фирмата „Финзи“, чиј директор Коста Крпач се самоуби, а беше сведок на СЈО и меѓу 56-те аболицирани од претседателот Ѓорге Иванов за криминали произлезени од прислушуваните материјали.

    И самиот кандидат за почесен бугарски конзул Камчев беше на распит во СЈО, но од обвинителетвото никогаш не открија дали таму бил повикан како осомничен, или сведок и за кој случај што произлегува од прислушуваните разговори е викнат да даде исказ.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари