СЈО ГИ ЧЕШЛА МЕДИУМСКИТЕ ИЗБОРНИ ДОНАЦИИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ

    СЈО ГИ ЧЕШЛА МЕДИУМСКИТЕ ИЗБОРНИ ДОНАЦИИ ЗА ВМРО-ДПМНЕСопствениците ба пропаднатата компанија МПМ, Јордан Камчев и Срѓан Керим на отварањето на специјализираната продавница за весници во април, 2013 во центарот на Скопје архивска фотографија од корпоративниот сајт на МПМ)

    Истражителите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на 17февруари, кога влегоа во медиумската куќа Медиа принт Македонија (МПМ) барале документи, фактури и плаќања за извршени кампањи од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во компанијата.

    МПМ, сопственик на весниците Дневник, Вест, Утрински весник и магазинот Теа модерна и Македонски спорт, беше најголемиот донатор на изборната кампања  на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.

    Според извештајот на Државниот завод за ревизија, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за реклами во изборната кампања за локалните избори во 2013 потрошила 1.581.201 евра, пари кои во најголемиот дел се обезбедени од донации од вкупно 37 медиуми.

    Најголеми донатори, покрај МПМ беа Сител ТВ со 161.364 евра, Канал 5 со 145.506 евра и Алфа ТВ со 76.840 евра.

    Според истражувањето на базата на податоци МедиаПедиа во 2014 во кое се цитираат податоци од Агенцијата за медиуми, во текот на 2013 од ВМРО-ДПМНЕ на телевизиите се емитувале 4.141 спотови, и владејчката партија била на 4-то место по број на емитувани реклами – на второ место беше Владата.

    Според непотврдени информации, тим од СЈО денеска влезе и во телевизијата Канал 5.

    СЈО не откри детали за истрагите туку само наведе дека станува збор за предистражни постапки поврзана со наоди од прислушуваните разговори.

    На 9 и 10 февруари СЈО во Охрид повика на распит околу 180 донатори на ВМРО-ДПМНЕ во врска со финансирање на изборна кампања. СЈО тогаш објави дека „во СВР Охрид се повикани повеќе лица во својство на сведоци да дадат искази за околностите во врска врска со предистражна постапка која се води во ова Јавно обвинителство“.

    Сопственик на МПМ до 16 февруари беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на најбогатиот Македонец Јордан (Орце) Камчев, фирмата Мирекс на Срѓан Керим, кој лани беше македонски кандидат за Генерален секретар на Обединети нации и Интернет инвестмент груп, која до пред неколку месеци беше во сопственост на српскиот биснисмен Веселин Јевросимовиќ, а сега нејзината сопственост е нејасна. На 16 февруари, Интернет инвестмент груп и Орка Холдинг соопштија дека ги продале своите удели во ГЦС за номинална вредност, но не кажаа кој е новиот сопственик. Управител на МПМ е Јана Станисављева.

    Веселин Јевросимовиќ до средината на 2016 беше мнозински сопственик и на Алфа ТВ, четвртиот најголем донатор за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира