Второобвинетата во „Рекет“ Катица Јанева во денешните завршни зборови за пријавителот на случајот Јордан Камчев и сопругата Ана кажа дека ако би ги знаеле, не би им дозволиле да се приближат до судската зграда, а не па да сведочат, нарекувајќи ги дно на дното.
„Не сум виновна, грубо сум изманипулирана од една личност и од неговата сопруга, од Јордан и Ана Камчеви, кои ако би ги знаеле, не би им дозволиле да се приближат до судската зграда, а не па да сведочат. Тие се дно на дното. Дека Орце сакаше да соработува во други предмети и да се приближи, тоа го докажавме. Тој е прљав играч и сакаше да ме купи. Ама мене не може да ме купи. Се заебал!“, кажа Јанева.
Застапникот на обвинението Вилма Русковска, рече Јанева, го искористила нејзиното пријателство со Бојан Јовановски и ја изложила на столбот на срамот.
„Јас да бидам во притвор 9 месеци, за Орце Камчев! Што ќе беше ако имаше шеќер пред мене? Ќе беше кокаин што го шмрка Орце Камчев? Ај што не се докажаа тие нејзини 50.000 евра, ама па да прашам, јас не смеам да имам пари? Па имам пари и сега, сум ги заработила. Јас сум средовечна жена, ги заработив. Јас се одважив да кажам дека на обвинителството му требаат пари. И добивме. Заради мене и вие добивте покачување од 35 отсто, зашто на обвинителството му требаат пари за да гони криминал“, вели поранешната специјална обвинителка.
Потоа направи споредба на некои обвинители од редовното обвинителство со нејзините 10-мина во тимот во СЈО.
„Кај нас се работи до крај, а не до 16 часот, па ташната на рамо и оди на ракијка и салатичка. Пијаници и недокажани во животот, остарени, таквите ги одбив во СЈО. А ги имаше многу што сакаа да дојдат, не ги кажувам тука кои се”, рече Јанева.
„Каде сум? Дали знае Републичкиот обвинител што ми се случува? Да се подигне обвинение без ниедно вештачење, па и тројца судии да го прифатат тоа обвинение? Срамота! Кај се парите? Камо докази? Нема ниеден доказ!“, кажа Јанева во завршните зборови.
„Шврговски ми кажа на времето сака да разреши 2 обвинителки, не за нестручност, туку за неспособност. Каде е Русковска овие два дена да си слушне како и се распадна обвинението, зошто ги пушти овие недолжни обвинители, а таа се скри? Ѝ должам од почетокот на овој предмет на Вилма, ќе ѝ кажам, вие што се црвенеете овде за распнувањето на нејзиното обвинение како баница овде, кажете ѝ: Со тие нејзини навредливи и саркастични наводи во воведен и во завршен збор за ‘Чарлиеви ангели’, таа ги навреди и моите колеги од СЈО, кои работат за разлика од неа, изгинаа од работа! Го навреди и Бојан, го нарече естрадна ѕвездичка. Не смее обвинител да ги вреѓа обвинетите“, заврши Јанева.
- ДА ТВРДИ КАМЧЕВ ДЕКА ВАДЕЛ МИЛИОН ЕВРА ОД КАЈ МАЈКА, СЕСТРА, ОД СВОИ, А ОБВИНИТЕЛ ДА НЕ ПОБАРА ДОКАЗ ОД БАНКИ, КАЖУВА КОЛКУ СВЕДОКОТ ЈА ЗБОРУВА ВИСТИНАТА, ГО НАПАЃА ОДБРАНАТА ОБВИНЕНИЕТО НА РУСКОВСКА ЗА „РЕКЕТ”
- РУСКОВСКА МУ ДАДЕ МОЖНОСТ НА КАМЧЕВ ПРЕКУ „РЕКЕТ” ДА СИ ДАДЕ ОДБРАНА ЗА „ИМПЕРИЈА”, ЗАБОРАВИЈА ДА ЈА НАПАДНАТ КАТИЦА, КАЖА НЕЈЗИНИОТ АДВОКАТ
Пред да застане Јанева со своите куси завршни зборови за крај, адвокатката Фрчкоска одеше точка по точкана обвинението против Јанева во „Рекет”.
„И покрај предлогот на специјалната обвинителка Катица Јанева пред Врховниот суд, да опстои и натаму мерката куќен притвор за првоосомничениот во „Империја” Орце Камчев, петчлениот кривичен совет во Врховниот суд на 4 март 2017 година го пушта од притвор. Претходно Јанева се противела и пред Апелациониот суд, покажуваше документи Фрчкоска. Сето ова таа го прикажа во насока на побивање на обвинението дека поради алчност и материјална корист, Јанева го привилегирала Камчев во истрагата против него“, вели Фрчкоска.
На предлог на Јанева, двата редовни пасоша на Камчев не му се вратени и тие денес сè уште се во судот, потсети Фрчкоска, но дала позитивно мислење за времен пасош за итно патување во Турција, кое и судијата за претходна постапка, која го има последниот збор, се согласил да му ја даде со трајност од 6 месеци.
Претходно на предлог на Јанева, адвокатката рече дека вакви времени пасоши им биле давани на обвинетите Илија Димовски, Едмонд Темелко, Цветан Панделески и други, кому за неодложни обврски во странство, кому за лекување во странство.
Во насока на објаснување на аудиоснимката со гласот на Јанева со исечок: „Сè ќе биде океј!”, Фрчкоска кажа дека за Камчев се воделе и други предистраги, во други случаи, но и предистрага каде тој се јавувал како оштетено лице. Неофицијално, затоа што бил неовластено прислушуван од УБК, а потоа на црниот пазар на бомби беа пуштени токму негови телефонски разговори.
За оваа предистрага Камчев кон крајот на 2018 година, бил повикуван во СЈО од притвор, да дава исказ. Еднаш преку обвинителот што ја водел предистрагата побарал да се види со Јанева, но таа го известила преку обвинителот дека си заминала дома.
И Катица Јанева и адвокатите побараа ослободителна пресуда за неа, исто како и првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 и неговите адвокати на вчерашното рочиште.
Изрекувањето на пресудата е закажано за 18 јуни во 10 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА